• понеделник, 29 јули 2024

Објавен конкурс за идејно решение за измена на грбот и знамето на Општина Кочани

Објавен конкурс за идејно решение за измена на грбот и знамето на Општина Кочани

Кочани, 10 март 2021 (МИА) – Советот на Општина Кочани објави конкурс за изработка на идејни решенија за изменување на постојниот општински грб и знаме.

Според пропишаните критериуми, при изработката на грбот и знамето треба да се имаат предвид историските традиции, културното наследство, природата, географските и стопанските карактеристики на Кочани.

-Во идејните решенија треба да бидат застапени максимум четири бои, во кои црната и белата не влегуваат во вкупниот број. Грбот на Општината може да биде еден од елементите на идејното решение за знамето. Решенијата треба да бидат текстуално образложени и да можат да се аплицираат на плакета, меморандум, значка и друго. Еден автор може да аплицира со повеќе предлози, а изработените трудови треба да бидат доставени под шифра до Советот на Општина Кочани. Предлозите да се изработени на хамер хартија во А4 формат, стои во писменото известување од општинскиот Совет.

За авторот на идејните решенија што ќе бидат утврдени како нови општински симболи е предвидена парична награда, а рокот за поднесување на документацијата е до 9 април. Грбот и знамето на Општина Кочани, можат да се употребуваат по нивниот упис во Регистарот на грбови и знамиња на општините.

Актуелниот грб и знамето на Општина Кочани беа усвоени на седница на Советот во јануари 2010 година, а предлогот за нивна измена беше поддржан на седницата што се одржа во февруари годинава. та/свс/

Остани поврзан