• петок, 27 декември 2024

Објавен Конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2023/2024 година

Објавен Конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2023/2024 година

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Министерството за образование и наука денеска го објави Конкурсот за  запишување ученици во јавните средни училишта во учебната 2023/2024 година. Конкурсот е достапен на веб-страницата на МОН и ги содржи квотите за запишување ученици според наставните планови и програми за гимназиско образование, стручно образование (техничко образование - четиригодишно траење, стручно образование за занимање – тригодишно траење и двегодишно траење), средно уметничко образование и средно образование за ученици со посебни образовни потреби.

-Во учебната 2023/2024 година се обезбедени 29 798 слободни места во 937 паралелки, од кои 279 паралелки се предвидени за гимназиското образование и 658 паралелки во средните стручни училишта. За настава на македонски јазик, со Конкурсот се предвидени 20 608 слободни места, за настава на албански јазик 8301 и 889 места за настава на турски јазик. Во учебната 2023/24 година во соработка со општините и компаниите во земјава се обезбедени 6475 слободни места во 259 паралелки во дуалното стручно образование, соопшти Министерството за образование и наука. 

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во еден уписен рок со две пријавувања во јуни. Пријавувањето е преку електронско аплицирање, на линк до порталот за електронски услуги на МОН (https://e-uslugi.mon.gov.mk) со специјална најава за средношколци преку нивните сопствени кориснички сметки на Schools.mk.

Како што е наведено во објавениот Конкурс, првото пријавување на учениците ќе биде на 20 јуни до 24.00 часот и на 21 јуни  до 15 часот. Ранг-листата на запишани ученици ќе биде објавена на 22 јуни на https://euslugi.mon.gov.mk и на интернет-страницата на МОН (www.mon.gov.mk).

Потоа ќе се доставува потребената документација до училиштата - на 22 јуни од 12 до 19 часот и на 23 јуни од 7  до 19 часот, согласно изготвен распоред од училиштето. Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места, како што е наведено во Конкурсот, ќе бидат обајвени на  24 јуни  најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Второто пријавување на учениците ќе биде на 27 и  28 јуни, а ранг-листата на запишани ученици од ова пријавување ќе биде објавена на 29 јуни.

Во училиштата каде што ќе се пријават поголем број ученици од планираниот број, кои ги исполнуваат предвидените услови, ќе се организира квалификациско тестирање по наставниот материјал од осмо и деветто одделение по следните наставни предмети: мајчин јазик и математика за  гимназиско образование;  биологија и хемија за здравствена струка и мајчин јазик и математика за  другите струки.

Во објавениот Конкурс  се наведени потребните документи за запишување во средно образование и термините за квалификациско тестирање во двата рока на пријавување за упис.

МОН информира дека министерот Јетон Шаќири им порачува на учениците „да го направат вистинскиот избор на средно училиште каде ќе го продолжат образовниот процес, апелирајќи да се осврнат на стручното образование како можност да се стекнат со вештини и знаења кои пазарот на труд ги препознава и вреднува, но и да стекнат добра основа за понатамошната високообразовна надградба“.

-Почитувани ученици, време е да направите избор за вашето понатамошно образование. Ви посакувам успешно да го одберете средното училиште што најмногу го посакувате, бидете успешни ученици и продолжете смело да чекорите по патот на знаењето. Вие сте иднината на оваа земја, наведува Шаќири. хс/аа/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан