• четврток, 05 декември 2024

Објавени добитниците на Повелбата „Свети Климент Охридски“ за 2024 година што ја доделува Општина Охрид

Објавени добитниците на Повелбата „Свети Климент Охридски“ за 2024 година што ја доделува Општина Охрид

Охрид, 4 декември 2024 (МИА) – Клубот за подводни дејности „Охрид“ и Здружението на граѓани  НАТГ „Аматер“ – Охрид  (Културолошка Иницијатива 5 до 12) се годинешните добитници на Повелбата што секоја година ја доделува Општина Охрид по повод патрониот празник „Свети Климент Охридски“.

Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Општина Охрид одлуката за доделувањето на Повелбите ја донесе согласно објавениот конкурс за доделување Повелба – Патрон на градот „Св.Климент Охридски“ за 2024 година.

Клубот за подводни дејности „Охрид“ е најстариот активен  нуркачки клуб  во земјата. Со своето 40-годишно постоење го промовира градот Охрид и Македонија насекаде низ светот. Клубот е носител на огромен број проекти и активно учествувал како носител на проекти, хуманитарни експедиции и пред се во еколошки акции.

Во образложението на одлуката истовремено се посочува дека Културолошка иницијатива „5 до 12“ со своите активности го промовира Охрид како град на културата, го збогатува културниот живот на Охрид и отвора нови перспективи за локалната заедница.

„Настаните создаваат можности за креативна изразност, создаваат уникатни искуства за локални и меѓународни посетители, ги вклучуваат младите, ја зголемуваат видливоста на млади уметници и поттикнуваат иновативност и социјална интеграција, а го негуваат и духот на заедништво и припадност“, стои во образложението на одлуката.

До Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија по објавениот конкурс биле пристигнати девет пријави.

Повелбите се доделуваат за остварувања и достигнувања во сите области од општествениот живот кои се од особено значење и имаат посебен придонес во развојот и севкупниот напредок и афирмација на Општина Охрид во Република Македонија и во светот, во период од една година.

Што се однесува на наградата за животно дело што ја доделува Градоначалникот на Охрид, таа за оваа година му е доделена на проф. д-р. Павле Митрески, заради неговото високовредносно и величествено делување, темелно и темелито проучување на историјата, културата и традицијата на Охрид и Охридско.

Наградата и повелбите на лауреатите ќе им бидат врачени на Свечената академија што по повод празникот посветен на патронот Свети Климент Охридски ќе се одржи на 7 декмври во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. аб/дма/

фото: плакат

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан