• среда, 27 ноември 2024

Објавени дигитални верзии на „Кинотечен месечник“ од 1977 до 1987 година

Објавени дигитални верзии на „Кинотечен месечник“ од 1977 до 1987 година
Скопје, 22 јануари 2021 (МИА) - Кинотеката на нејзиниот сајт www.kinoteka.mk деновиве ги објави дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година. Овие „Кинотечните месечници“ се еден вид претходници на кинотечните изданија од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и „Kинопис“ - списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности. Потребата за издавање на „Кинотечните месечници“ се појавила како потреба за вреднување и анализирање на филмското творештво.

- Ако порано ги читавме прелистувајќи ги ваквите и другите изданија на Кинотеката, сега велиме дека имате можност да „сурфате“ низ своевидната хроника на кинотечната дејност во Македонија од тој период, посочуваат од Кинотеката.

Иако реализирани во скромни издавачки услови и печатени на шапирограф, од Кинотеката појаснуваат дека овие историски четива некогаш „втиснати в хартија“, сега се преформатирани во дигитализирани изданија.

-Ккога ги читате четири децении подоцна, не може а да не се отргнете од впечатокот дека и ваквите бледи копии се патината на македонската филмска публицистика, посочуваат во соопштение.

Токму затоа, како што појаснуваат од Кинотеката, очекуваат ова да биде прифатено и оценето – не само како институционално регистрирање на активностите на Кинотеката на Македонија, туку и како можност да се поттикне една – колку нова, толку неизбежна публицистичка дејност во нашето кинематографско искуство.

Содржината на месечниците ја сочинуваа неколку рубрики поврзани со историјата на филмот и киноприкажувањето, теоријата и естетиката на филмот, но и преводи на текстови, рецензии за кинотечни филмски циклуси, интервјуа, излагања од симпозиуми, фестивали и одбележани јубилеи, а подолго време преку рубриката Кинотечен информатор, со јавноста беа споделувани актуелни информации од работата на Кинотеката.

-Познавајќи ги авторите и квалитетот на текстовите во „Кинотечните месечници“ од тој период, можеме да кажеме дека се работи за своевидна македонска верзија на списанието за филм на француски јазик „Cahiers du Cinéma“ („Филмски тетратки“), кое започнало да излегува од печат во 1951 година во Париз, а еден од основачите е Андре Базен (André Bazin), филмски критичар и теоретичар со светско реноме. Историјата на францускиот, европскиот, но и светскиот филм вели дека „Cahiers du Cinéma“ имал превратничко влијание и е директен ментор на „новиот бран“ во кинематографијата, се наведува во соопштението на Кинотеката. бт/сп/

Остани поврзан