• недела, 24 ноември 2024

Објавени два тома од Душан Стојковиќ за современата македонска книжевност

Објавени два тома од Душан Стојковиќ за современата македонска книжевност
Скопје, 21 април 2021 (МИА) - Книгоиздателството „Арка“ од Смедерево објави два тома од професорот Душан Стојковиќ. Делата се посветени на автори и дела од сите генерации на современата македонска книжевност.
Ова книгоиздателството е предводено од поетот, критичар, антологичар и преведувач на редица македонски автори Ристо Василевски, дописен член на МАНУ, кој живее во соседна Србија.
Како што соопшти издавачот, првиот том, „Поетските стебла на македонската лирика“, содржи 264 критички осврти и пообемни есеи за исто толку изданија на дела од македонски автори и на најважните антологии на македонската поезија што се објавени во Србија во текот на изминатите децении. Опфатени се осврти за поетските одлики на сите позначајни автори, почнувајќи од Кочо Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Влада Урошевиќ, Јован Котески, Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Богомил Ѓузел. Застапени се и Светлана Христова-Јоциќ, Ристо Василевски, Михаил Ренџов, Ефтим Клетников, Атанас Вангелов, Тодор Чаловски, Ристо Лавазор, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Раде Силјан, па се’ до Никола Маџиров, Лидија Димковска, Звонко Таневски, Јовица Ивановски и други.
Вториот том - „Македонската проза на српски јазик“, опфаќа критички согледувања за над 70 прозни дела од 35 македонски автори. Тоа се Блаже Конески, Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Живко Чинго, Петре М. Андреевски, Димитар Башевски, Божин Павловски, Слободан Мицковиќ, Оливера Николова, Митко Маџунков, Катица Ќулавкова, Александар Прокопиев, Томислав Османли, Јагода Михајловска Георгиева, Венко Андоновски, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Гоце Смилевски, Румена Бужаровска и други, кои се објавени во Србија.
Двата тома од Душан Стојковиќ посветени на современата македонска литература имаат над 700 страници во Б-5 формат.
-Станува збор за повеќедецениско следење на речиси сите дела од македонски писатели објавени во превод на српски јазик во соседна Република Србија, за кои Стојковиќ пишувал во книжевната периодика и ги препорачувал на читателите во Србија, преку кои можат да се стекнат солидни информации за македонската книжевност, така што претставува значаен книжевен и културен настан, со оглед на тоа што слични вакви изданија се навистина ретки, а овде се работи за опфат од многу голем обем, соопшти издавачот.  мд/бак/

Остани поврзан