• среда, 18 декември 2024

Објавена стихозбирката „Чекор до амбисот“ од Драгица Најческа 

Објавена стихозбирката „Чекор до амбисот“ од Драгица Најческа 

Скопје, 8 јуни 2024 (МИА) – Објавена е стихозбирката „Чекор до амбисот“ на писателката Драгица Најческа - нејзина петта збирка поезија со околу седумдесет песни во шест циклуси. Поетската книга ја објави издавачката куќа „Дијалог“ која во 2011 година во шест тома  објави „Избрани дела“ на авторката.

Поетесата Елена Пренџова во поговорот на книгата, меѓу другото, пишува дека „...креативното темпо на Најческа е континуирано и плодно, а збирката поезија ’Чекор до амбисот’ ја збогатува современата македонска литературна сцена со уникатен авторски квалитет...“

- Општиот мотив на песните е мошне актуелен, а воедно и безвременски, односно севременски: мир во светот и вечната борба на себството и Другиот / „ние“ и „тие“ / човекот и нечовекот / народот и власта, поточно борбата на доброто и злото низ метафорите на претходно наведените дуалитети...Видливо е дека поетската реч на поетесата доајенка Драгица Најческа е длабока и разновидна, притоа и интимистичка и филозофско-егзистенцијалистичка... Секоја песна остава длабока мисловна дразба зад себе: Дали сум добар човек? Како да бидам добар човек? Што можам да направам за другите да бидат добри луѓе? А поезијата на Најческа е токму тоа – скоро магична поетска „напивка“ за еден подобар човек во еден подобар свет. Свет со мир. Глобален и душевен. А што, всушност, и е поезијата, ако не стиховен повик за мир, човечност и подобро утре“, се наведува во поговорот.

Драгица Најческа во македонската литература е првата жена писател која објавила роман - „Пеперуга со натопени крилја“, во 1969 година. Оттогаш таа ги има објавено романите „Друга мајка“, „Крстопати“, „Омраза-длабоко“, „Доживотна јамка“ и „Куќа на езеро“, збирките раскази „Раскази“ и „Потрага по скриеното“, расказите за деца „За глувчето, мачките, за мечките, рипчињата, зајачињата, лисичињата и... дечињата“, како и збирките поезија „Неспокој“, „Вратете ми го сонот“, „И крв и смрт и надеж“ и „Распетие на душите“. хс/ев/

Фото: „Дијалог“

Остани поврзан