• среда, 25 декември 2024

Објавена стихозбирката „Линијар [бројки]“ од Митко Гогов

Објавена стихозбирката „Линијар [бројки]“ од Митко Гогов
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Издавачката куќа „Макавеј“ ја објави новата стихозбирка „Линијар [бројки]“ од современиот македонски поет Митко Гогов. Изданието претставува уметнички комплекс составен од хаику, циклус од триесет хаику песни, на кои им се надоврзуваат триесет авторови минијатури во боја. Освен овие два поетско-визуелни блока, во продолжение стихозбирката ја красат и критички и импресионистички коментари за најновиот поетски и визуелен дострел на Митко Гогов од триесет истакнати современи македонски и меѓународни поети, критичари и уметници.Од издавачката куќа посочуваат дека „Линијар. Бројки“ е концептуална книга која ги спојува поезијата, ликовната минијатурна уметност и реакциите на луѓето кои на авторот му значат и изразиле желба да го заокружат циклусот на неговата идеја. -Овие три целини иако можат да функционираат одделно во различни простори, во овој случај, во книгата „Линијар. Бројки“ на Митко Гогов се комплементарни, синхронизирани и презентираат нов светоглед каде хаикуто како поетска форма е во синергија со минијатурата како визуелна експресија и со импресумот од плејадата автори кои го надополнуваат спектрумот на оваа креативно патување. Меѓу различните контексти и целата апстракност, ова дело нуди нов пристап во доживувањето на едно книжевно дело, како комплексна форма на мултидисциплинарно изразување, велат од „Макавеј“. Според поетот Митко Гогов, во оваа книга првпат е направена комбинација од поезија, ликовна уметност и реакција, така што содржината да биде едно поразлично естетско движење низ зборовите, сликите и самите имагинарни простори. -Драго ми е што за прв пат соработувам со издавачката куќа „Макавеј“ и што „Линијар. Бројки“ е достапна сега за читателите. Самиот процес на создавање беше уникатно искуство, се надевам дека и за оние кои ќе ја прочитаат исто така, изјави Гогов по повод објавувањето на книгата.Изданието може да се најде во книжарниците на „Или-Или“, „Полица“ и „Антолог“ во Скопје, како и на порталот „kupikniga.mk“.бт/лв/

Остани поврзан