• среда, 20 ноември 2024

Објавена првата збирка раскази „Вечерен автобус“ од младиот писател Стефан Алијевиќ

Објавена првата збирка раскази „Вечерен автобус“ од младиот писател Стефан Алијевиќ
Скопје, 3 септември 2022 (МИА) - Или-Или во едицијата ПРОаЗА ја објави првата збирка раскази од младиот македонски писател Стефан Алијевиќ. - Расказите од збирката „Вечерен автобус“ лебдат во еден свет помеѓу автофикцијата и фикцијата, претендирајќи да создадат игра, комуникација и неизвесност кај читателот што од напишаното е лична вистина на авторот, а што измислица. Освен тоа, расказите градат повеќе дихотомии или бинарни опозити, како на пример: реалност – сон, вистина – лага, живот – смрт, луцидност - халуцинација, минато – сегашност, периферија – главен град, итн. Збирката прави пресек на нашето време и општество, со цел да расветли одредени зафрлени слоеви, и во тој контекст, главните ликови често доаѓаат од самите маргини на општеството, наведуваат од Издавачката куќа. Севкупно, како што посочуваат оттаму, расказите третираат теми како различностите помеѓу луѓето, нееднаквоста, срамот од личниот идентитет, деградацијата, стеротипите и сегрегацијата на одредени поединци во општеството (како на пример лицата со посебни потреби или сексуалните малцинства). Наративот е во директен костец со предрасудите и ограничените погледи на светот. Стефан Алијевиќ (1991, Гевгелија), завршил додипломски студии на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрите за Општа и компаративна книжевност и Англиски јазик и книжевност. Бил дел од уредничкиот тим на меѓународното списание за книжевност и уметност, „Разноликост“, а раскази пишува веќе подолго време. Досега бил објавен на порталите Разноликост и Окно. Збирката раскази „Вечерен автобус“ е негова прва книга. мс/лв/

Остани поврзан