• недела, 24 ноември 2024

Објавена книгата „Кој e денес главен“ од Наташа Конц Лоренцути

Објавена книгата „Кој e денес главен“ од Наташа Конц Лоренцути

Скопје, 20 март 2024 (МИА) - Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца и млади „Кој e денес главен“ од словенечката писателка Наташа Конц Лоренцути. Книгата на македонски ја преведе универзитетската професорка Лидија Аризанковска, а илустрациите се на познатата словенечка илустраторка Тања Комадина. Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.

Книгата за деца и млади „Кој денес главен“ е духовита и интересна приказна со преубави илустрации. Приказната ја следи Ника. Таа е најмалото девојче во семејството и едвај чека да биде главна. И тоа ќе се случи, се разбира. Но, пред да биде главна треба да поминат неколку годишни времиња и треба да направи неколку урнебесни работи, да патува, да си игра, да научи нешто ново и малку да порасне…

Наташа Конц Лоренцути (1970) дипломирала на Академијата за театар, радио, филм и телевизија во Љубљана, каде што и магистрирала во 2010 година. Во периодот од 1994 година до 1999 година била ангажирана како актерка во два професионални словенечки театри, а од 1999 година се посветила на литературата. Досега има објавено тринаесет книги за деца и млади и три книги за возрасни. Нејзините книги биле номинирани за наградата „Оригинална словенечка сликовница“ и наградата „Модра птица“, а исто така по двапати за наградите „Десетница“ и „Вечерница“. Нејзината проза за возрасни трипати ја освоила наградата „Женски глас“, а два пати ја освоила наградата „Младика“ во Трст. Покрај нејзината работа како писателка, десет години предавала драма во средното училиште „Нова Горица“, каде што учениците ги играат нејзините драми. мч/мд/

фото: „Бата прес“ 

Остани поврзан