• вторник, 24 декември 2024

Објавена книгата „Клучните концепти во кинескиот традиционален спорт“

Објавена книгата „Клучните концепти во кинескиот традиционален спорт“

Скопје, 9 март 2023 (МИА) - „Македоника литера“ ја објави книгата „Клучните концепти во кинескиот традиционален спорт“ од авторите Ченг Хон, Сие Веи и Ванг Чен, која претставува запознавање на традиционалната кинеска физичка култура од аспект на филозофската и животната мудрост и култура на живеење.

Оваа книга содржи 95 клучни концепти поделени во четири категории: филозофија на спортовите, здравјето и спортовите, забавата и спортовите, и натпреварувачките спортови. Душата на кинеските традиционални спортови лежи во нивните филозофски концепти и мисли, кои одиграле огромна улога во долгата историја на нивниот развој и ја покажуваат уникатната убавина на кинеската спортска култура.

За секој концепт се изложени неговата дефиниција, потеклото, еволуцијата, објаснувањето, културното значење и денешната вредност, со неколку варијации според специфичната содржина.

Традиционалните спортски активности на народот Хан и на етничките групи во Кина се значаен дел од кинеската спортска и национална култура. Тие се содржани и во кинеската традиционална филозофија, како и во разните размислувања за природата на животот, за одржувањето на динамичната рамнотежа меѓу човекот и природата, меѓу луѓето и внатре во самата индивидуа.

На крајот, книгата содржи два прилога – преглед на спортовите на зимските олимписки и параолимписки игри во Пекинг во 2022 година и куса хронологија на кинеската историја, наведуваат од „Македоника литера“. са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан