• сабота, 23 ноември 2024

Објавена агендата за средбата Курти - Вучиќ во Охрид

Објавена агендата за средбата Курти - Вучиќ во Охрид

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Премиерот на Република Косово, Албин Курти в сабота во Охрид ќе се сретне со српскиот претседател Александар Вучиќ, во рамки на дијалогот Косово - Србија посредуван од Европската Унија. Курти и Вучиќ веќе го потврдиле нивното учество на оваа средба, јавува косовската Радио-телевизија.

Косовската телевизија информира дека според добиеното официјално известување од делегацијата на ЕУ во Приштина, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеп Борел и специјален претставник на Унијата за дијалогот Белград – Приштина и други прашања за Западен Балкан, Мирослав Лајчак најпрво ќе остварат одвоени средби со Курти и Вучиќ, па потоа и заедничка средба со нив. Се очекува тие да разговараат и да го потпишат спроведувањето на европскиот план за нормализирање на односите помеѓу двете земји. 

Според најавите од делегацијата на ЕУ во Приштина се очекува првата средба да почне во 10 часот. Од делегацијата на ЕУ во Приштина наведуваат дека по завршувањето на сите состаноци, предвидена е изјава на Борел за  медиумите.

Домаќин на средбата во Охрид, која беше најавена на 27 февруари, ќе биде премиерот Димитар Ковачевски. На прашањето на МИА минатиот месец дали премиерот Ковачевски би прифатил да биде домаќин на оваа средба од Владата одговорија потврдно и посочија дека  европскиот предлог за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина е исклучително важен за иднината и стабилноста на регионот, а Северна Македонија уште еднаш докажува дека фактор на стабилност, односно земја членка на НАТО, која ги отпочна преговорите со ЕУ и како земја која претседава со ОБСЕ, најголемата безбедносна организација во Европа.

Средбата меѓу српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти со претставници на ЕУ во Брисел кон крајот на минатиот месец заврши без договор, но европскиот комесар за надворешни работи Борел тогаш изјави дека Вучиќ и Курти се согласиле дека не се потребни дополнителни разговори за европскиот предлог и дека тоа е рамка за нормализирање на односите меѓу двете страни. Борел истакна дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност. фф/ац/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан