• среда, 25 декември 2024

Објава на Бигорски за типикот на вечерната богослужба за Прочка

Објава на Бигорски за типикот на вечерната богослужба за Прочка

Дебар, 16 март 2024 (МИА) - Бигорското светилиште, кое отсекогаш го негува богослужбениот ред, во целост ја практикува вечерната богослужба за Прочка.

-И оваа година ги повикуваме верниците да земат учество во споменатава богослужба, која ќе започне недела, 17 март,  со почеток во 17:00 часот. Службата завршува со Великопосната молитва на св. Ефрем Сирин, која е проследена со големи поклони, како и со меѓусебното големо простување на верниците и монасите, објави Бигорски манастир.

Затоа, се додава, светите отци за овој последен ден пред постот предвиделе специфична богослужба, давајќи на верниците можност да си побараат прошка едни на други и така да направат добар почеток на светиот Пост. 

- Во духот на оваа, првично монашка традиција, таа неделна вечерна богослужба во Бигорскиот манастир е вистинско доживување за сите присутни, кои во голем број се собираат овде за со искрено покајание и измирување со другите, достојно да се подготват за посниот подвиг. А глетката во храмот навистина го стоплува срцето и побудува на покајание, стои во објавата. 

Покајното расположение достигнува врв со посебните коленопреклони молитви, што игуменот на свештениот манастир, епископот Партениј, со особено умиление ги чита пред сите присутни, измолувајќи од Бога прошка и благослов за претстојниот свет пост.

-На сите нека им е благословен почетокот на Великиот пост, едни со други да се помириме и да си простиме. Исповед кај Старецот и другите духовници од манастирот ќе има преку сите викенди и обични денови за постот, со исклучок за време на Тримирот, стои во објавата на Бигорски манастир. вт/аа/

Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан