• сабота, 23 ноември 2024

Обуки за медиумска писменост наменети за наставници од основни училишта

Обуки за медиумска писменост наменети за наставници од основни училишта

Скопје, 8 ноември 2023 (МИА) - Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“ во соработка со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието од 18 септември 2023 почна обуки за медиумска писменост наменети за одделенските наставници (од прво до петто одделение) и за наставниците по мајчин јазик од шесто до деветто одделение во основното образование.

Обуките ќе траат до крајот на март 2024 и ќе ги опфатат сите основни училишта во државата, а нивната реализација веќе се одвива на македонски, албански и на турски јазик.

Како што објави МОН, преку поддршката на проектот, во овие шест месеци ќе се реализираат над 250 обуки и ќе се обучат над 8500 наставници низ целата држава.

-Во текот на периодот на имплементација на обуките, Министерството ги поддржува БРО и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) во подготовката на инструменти за теренски мониторинг на примената на обуките и етапно следење на воведувањето на медиумската писменост во наставата. Мониторингот ќе го спроведуваат наставниците и советниците кои ги држат обуките за колегите-наставници, наведува МОН.

Обуките кои ги следат наставниците покриваат различни сегменти од медиумската писменост кои за учениците се предвидени во наставните програми по мајчин јазик во основното образование. Дел од темите се поврзани со типови медиуми и нивни карактеристики, улогата на медиумите, новинарството и етичките стандарди; предизвици и опасности на социјалните медиуми; пристапи поврзани со проверка и верификација на информации и содржини, како и анализа на содржини и креирање медиумски продукти  од страна на учениците.

Континуираното организирање обуки, според МОН, е единствениот начин да се зајакнуваат професионалните компетенции на наставниците и стручните соработници во училиштата, како клучна алка во воспитно-образовниот процес. хс/ев/

Фото: Министерство за образование и наука

 


 

Остани поврзан