• четврток, 26 декември 2024

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите

Обраќање на претседателката Сиљановска Давкова на одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите

Скопје, 19 ноември 2024 

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчеравечер се обрати на свеченото одбележување на Меѓународниот ден на студентите, што во организација на Младинскиот образовен форум во соработка со Канцеларијата за регионална младинска соработка (РИКО) и Универзитетското студентско собрание – УКИМ, се одржа во Културно-едукативниот центар „Лабораториум“.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова истакна дека студентите се промотори на критичката и слободна мисла, дека тие се Хермес на промените.      

„Вие имате привилегија, но и одговорност, да бидете мост меѓу сегашноста и иднината. Без вашиот омилен збор „зошто“ нема напредок. Без вашето сомневање нема вистина. Вие го движите општеството, оти ве красат интелектуалната  љубопитност и страст, без кои нема реформи“, рече Претседателката. Таа истакна дека амфитеатрите и библиотеките се интелектуални арени за жестоки и за плодни  дебати, низ кои се манифестира и обликува критичкото мислење, нивните прашања се подеднакво важни како и нивните одговори, а нивната храброст да размислуваат поинаку го турка светот напред.

„Студентскиот живот ви овозможува да учите, но и да ги предизвикате учителите на интелектуален двобој!“, нагласи Претседателката додавајќи дека студирањето не е само академска потрага, туку и битка за вредности, соочување со реалноста и формирање на карактерот.

Претседателката им порача на студентите да не се откажуваат од младешките предизвици.

„Не плашете се од неуспехот зашто тој е само неминовен чекор кон успехот. Спорете со конечните вистини. Зачувајте ја младешката смелост и бунтовниот дух, тие се најголемите сојузници на прогресот“, порача претседателката Сиљановска Давкова.

На настанот поздравно обраќање имаше Александар Николовски, претседавач на Националното студентско тело, а се обратија министерката за образование и наука, Весна Јаневска и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите под наслов „Регионална станица студентска: Меѓународен ден на студентите“ што се одржа од 17 до 19 ноември, на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје се одржа саем на студентски и младински организации, а во Ректоратот на УКИМ се одржа институционален дијалог. Свечениот настан вчеравечер содржеше целовечерна културна програма со цел вмрежување и забава, а беше лансирана и платформата за студентска работа  „Линкер“.

Меѓународниот ден на студентите се одбележува како симбол на борбата за демократско образование и сеќавање на 17 ноември 1939 година, кога нацистите убиле 20 чехословачки студенти што протестирале против окупацијата.

Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан