• петок, 27 декември 2024

Обновена е музејската поставка во НУ Музеј Куманово

Обновена е музејската поставка во НУ Музеј Куманово
Куманово, 16 јануари 2020 (МИА) Обновена е музејската поставка во Куманово, информираа денеска надлежните од установата. Поставени се нови експонати кои го покажуваат богатото културно наследство на поширокиот кумановски регион. Обновата на поставката е спроведена во рамки на проектот кој го реализираа НУ Музеј и Општина Куманово во рамки на манифестацијата 500 години постоење на Куманово. Од Националната установа Музеј Куманово велат дека целта е да се ревитализира недвижното културно наследство и највредното од него да се доближи до посетителот, користејќи пософистицирани технички методи и интерактивна презентација. -Извршивме обнова и на трите музејски поставки, работевме на уредување и осовременување на севкупниот простор каде што вршиме презентација на културното наследство на локално ниво и се тоа го работевме со цел да го заштитиме презентираме пред јавноста сите наоди кои со децении се прибирани на разни археолошки етнолошки и историски истражувања, изјави Фросина Лазаревска од кумановскиот музеј. Од Музејот нагласуваат дека е пристапено со поинаков концепт на изложување на музејските експонати со интересни позадински едукативни постери, ретроактивно низ минатото, со модерни постаменти од плексиглас кои овозможуваат одлична прегледност на збирките во ветрините. Обновено е и осветлувањето, набавени се телевизори со што музејот на посетителите ќе им овозможи аудио визуелно доживување. Новина е малата, но интересна нумизматичка збирка каде што посетителот ќе може да скенира апликација за да следи вистинска приказна за патот на една монета. -Можам да кажам дека 90 проценти од посетителите се младинци, имаме организирано групи кои доаѓаат од основните и средни училишта, постојано не посетуваат и тука таа едукативна функција на музејот. Поголем процент од возрасните посетители се странски туристи, отколку наши сограѓани, така што овој момент го користам да ги повикам кумановци да издвојат дел од своето време да не посетат, влезницата е симболична, со цена на едно кафе во кафуле, а ние им гарантираме едночасовно возбудливо доживување низ минатото на градот- додава Лазаревска. За обновата на музејската поставка, која се спроведува по 15 години, Музеј Куманово доби поддршка од Министерството за култура но и од Општина Куманово, во рамки на програмата за одбележување пет века од постоењето на градот. ам/ир

Остани поврзан