• петок, 22 ноември 2024

Обложувалниците со помал процент за победа на Бајден, отколку агенциите и порталите

Обложувалниците со помал процент за победа на Бајден, отколку агенциите и порталите
Вашингтон, 2 ноември 2020 (МИА) - Светските обложувалници даваат помала веројатност за победа на кандидатот на демократите Џо Бајден на утрешните претседателски избори во САД во однос на анкетите и проценките на специјализираните портали, а една од причините е што се земаат предвид влоговите, односно уплатата на играчите. Според порталите специјализирани за американската политика, веројатноста дека Бајден ќе го победи Доналд Трамп на претседателските избори во САД, се движи меѓу 80 и 95 отсто. За разлика од тоа, водечките светски обложувалници му даваат меѓу 62 и 69 отсто шанса на Бајден за победа, додека веројатноста дека Трамп ќе остане во Белата куќа е меѓу 32 и 40 проценти. Странските портали кои ги предвидуваат шансите, за победа на Бајден даваат од 80 до 95 отсто веројатност. Британскиот „Економист“ пресметал дека шансите на Бајден за победа се 95 отсто, а на Трамп пет проценти. Списанието го користи моделот кој ги комбинира истражувањата на ниво на САД и сојузните држави со економски индикатори. Американскиот портал „ФајвТртиЕјт“ (FiveThirtyEight) е повоздржан, бидејќи врз основа на 40.000 симулации му дава на Бајден 89 отсто шанси за победа на изборите, а на Трамп 10 отсто. Слично проценува и американскиот портал „Риал Клиар Политикс“ (Real Clear Politics), кој го наведува просекот од најновите истражувања на јавното мислење. На претходните избори во САД во 2016 година, анкетите, моделите и обложувалниците предвидуваа победа на демократската кандидатка Хилари Клинтон, но неочекувано славеше Трамп. Порталот „ФајвТртиЕјт“ тогаш седум дена пред изборите и даваше 75 отсто шанси на Хилари Клинтон за победа, исто колку и обложувалниците. Клинтон во 2016 година освои околу три милиони гласови повеќе од Трамп. Таа имаше поддршка од 48,2 отсто, а Трамп 46,1 отсто од гласовите, додека просечната разлика во анкетите на денот на изборите беше 3,2 отсто. Меѓутоа, таа ги загуби изборите поради специфичноста на изборниот систем во САД, според кој не победува кандидатот кој ќе освои најмногу гласови на ниво на цела земја, туку оној кој ќе „собере“ најмалку 270 од 538 електори. Во секоја од 50 сојузни држави се бираат толку електори колку што таа има членови во Конгресот на САД, најмалку три. Кога гласаат, избирачите се определуваат за цела група електори на една партија во одредена сојузна држава. Кандидатот кој ќе победи во една сојузна држава ги „добива“ сите нејзини електори, освен во Мејн и Небраска. Електорите на Мејн и Небраска кандидатите можат да ги поделат, зависно од резултатите на ниво на изборните единици во тие држави. На претстојните избори, победникот е однапред познат во 37 од 50 сојузни држави, во кои избирачкото тело е цврсто определено или за Бајден или за Трамп. Во останатите 13 држави е можна победа на двајцата кандидата, поради што се нарекуваат „колебливи држави“ (swing states). За да остане Трамп во Белата куќа мора да победи во сите држави во кои, според анкетите и обложувалниците, или е нерешено (Флорида, северна Каролина, Аризона) или каде тој е фаворит (Тексас, Охајо, Ајова, Џорџија), но покрај тоа мора да задржи и две од трите клучни држави на Средниот Запад (Пенсилванија, Мичиген, Висконсин) или една од нив доколку тоа не е Висконсин. Бајден, пак, за да стане претседател на САД, покрај очекуваната победа во Невада, Минесота и Њу Хемпшир, каде важи за фаворит, мора да ги освои и Пенсилванија, Мичиген и Висконсин, каде анкетите и обложувалниците му даваат јасна предност. Доколку не успее во тоа, патот до Белата куќа ќе му биде потежок, односно ќе мора да ги освои Флорида, Северна Каролина или Аризона, каде е речиси изедначен со Трамп, или некои држави во кои актуелниот претседател е фаворит (Тексас, Охајо, Џорџија, Ајова). гт/

Остани поврзан