• сабота, 21 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
4 февруари 2020 (МИА) Македонски народни песни Потонала е девојка Потонала е девојка, во тајно бело езеро. Никој крај неа немаше, високо небо над неа, црната земја под неа. Мајка и на крај стоеше, ем си ја умно учеше: - Пливај ми, ќерко, пливај ми, на крајот да ми испливаш! - Не можам, мајко, да пливам, лесата ми се зафати, за зелените јавори. Бога моле убава девојка Бога моле убава девојка: - Биди Боже, уште позарана, да постојам во таткови дворови, да послушам таткови зборови, да послушам татко што ќе рече, да ме татко ука понауче, да се често поклонувам, на свекорот и на свекрвата. На свекорот до бели колена, на деверот до бели рамења, на нункото до сурова земја. Облак дојде Ѕвезда не донесе Облак дојде Ѕвезда не донесе, се сторила горска јаребица, останала в зелени ливаѓа, да набере трева детелина, да наране нунковите коње. Јас имам коса теловна коприна Јас имам коса теловна коприна, Ила кум чучук чупе за севда, моме за севда, алај лане мукаве, било се за мукаве. (2) Јас имам веѓа морска пијавица. Јас имам очи пишавски финџали. Јас имам лице битолско симитче. Јас имам носе писарско кондилче. Јас имам усте шеќерно кутивче. Јас имам заби бисер нанижани. Јас имам става тенка та висока. Промени се, моме, наружај се Промени се, моме, наружај се, ај зготви си моме, сладок ручок, јас да ручам оти ќе одам. Војник ќе одам три години, три години во четири. Не ми е жалба оти ќе одам, жалба ми е шо ќе оставам, шо ќе оставам стара мајка, стара мајка, стари татко, девет браќа неженети, девет сестри немажени, немажени, наудомени. Ејде и тебе мое мило либе. Од книгата „Стана рамноснага“ од Ѓорѓи Котевски, Битола 2000. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан