• сабота, 23 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
1 март 2020 (МИА) Сечко сечи, Марта дери, април кожи продава  Во текот на месец март честа тема за разговор меѓу луѓето е времето. Променливите денови, студот, сланата и мразот што се закануват да ги уништат материјалните добра предизвикуваат страв и неизвесност кај нашиот човек кому земјоделството, сточарството и овоштарството му се основни извори на егзистенција. Поголем број македонски народни пословици, верувања, преданија се однесуваат на времето и посебно на месеците сечко (февруари) и март. Нашиот народ вели: „Не менувај се од зборот како времето во Марта“, или: „Се стуштил како марта“ што зборува за непостојаното, пред сè, лошо време во овој месец. Во таа насока е и пословицата: „Во март и една жаба да се помочат во нивата, имат зијан седбата“. Во повеќе пословици се споменува и месецот Сечко како студен месец но и како меѓник меѓу зимата и летото. Така се вели: „Сечи сечко не сечи, па на лето мирисаш“, а во народот е популарна пословицата „Сечко сечит, марта дерит, април кожи продават“. Со оваа пословица запишувачот забележал дека „Сечко-февруари е доста студен особено за јагниња, во март од студ смрзнуваат доста јагниња, а во април им се продаваат кожите, бидејќи тогаш обично доаѓаат трговци со коњи“. Марко Цепенков, пак, во своите записи забележал дека Сечко рекол: „Ако не ми е страв мене од баба Марта и од стрика Коложега (јануари) го праам времето толку студено, што грнето на огно од едната страна да варит, а од другата страна да мрзнит“. Во народот постојат повеќе верувања особено во врска со времето во зима. Така на пр. се верува дека „Ако се родат летото многу трненки, дренки, лешници, ореи, лоша зима ќе имало“ или: „В есен ако заколиш свиња, види му ја сплинката. Ако му е напред потесна и назад поширока, зимата ќе била напред лесна и назад тешка (лоша) и наопаку“. Особено има повеќе верувања од кои во текот на самата зима може да се види дали студот е поминат или пак ќе изненади на крајот кога сите мислат дека зимата поминала. Така на пр., во едно вакво верување забележано од М. Цепенков, се вели дека „во зимно време ако се отвори некој ден сонцето да печи и ако излезат по некој од големите муи да се печат на сонце, чекај полошо време од како што било понапред, пред да ограло сонцето“. Исто така, и однесувањето на птиците може да биде сигурен предзнак за промената на времето. Така на пр. ако врапците (конопарци) се шетаат по земи со вјасање да си бараат јадење, за брго време чекај многу полошо време, најпоќе снег да врни дури и фуртуна, а пак ако си пасат по земи, ако седат и си јадат, зимата има многу уште да ни седи, и ако се збираат врапчињата на некое дрво, та да се разговараат тивко, жиби, жиби, жиби да праат, времето ќе се оправело“. М. Цепенков го забележал и интересното верување дека „во март ако загрми многу арен бериќет ќе има таа година“. Марко Цепенков забележал дека „мнозина старци (најпоеќе овчари и старички знаат за времето какво ќе биди, кое од имањето, кое од дрвјата, и од други многу работи. Има и по некои стари што да знаат целата година каква ќе бидит, дали плодородна дали скудна и дали зима ќе има лоша дали не ќе има. Тоа нешто го знаат од големото или силното паметуање нивно.Такви старци прикажуваат оти на осумнаесеттата година идела истата година што е годинава“. Меѓу македонскиот народ сè уште е живо и популарно преданието за бабата што го навредила месецот сечко па тој ѝ се осветил замрзнувајќи ја во планината. Во зборникот на браќата Миладиновци меѓу годишните обичаи од Струга е забележано дека последните дни од марта се викаат Бабини дни, кои обикновено сет студени и ветерливи. Тие дни се земени од априља ево како. Една стара жена по излегвањето от Марта, како виде че времето беше топло и многу хубаво рече: „Циц козица на планина, прдни Марту на брадина“, и си излезе со козите на планина. На Марта падна тешко да се презират от една баба и рече на априља: „Априле, лиле, мој побратиме, придај ми три дни да згубам баба“. Април му даде, и захвати таков студ, лапавици и ветришта, што бабата со се кози замрзнала. И денеска, велет, стојат каменообразни бабата и козите на Шар Планина“. Според записот на Марко Цепенков, пак, бабата заедно со козите била смрзната кај Штип. „Кога да излезиш од Штип да одиш на Виница од кај што сонцето огреват, близу до еден черек до селото Караорман. Од кај што се бабите до планината Плачковица има околу два саата и кога сакале бабите да истераат козите на планина да пасат, дотука беа дошле и некој им рекол, да не и тераат оти уште зимата је назад, арно ама бабите биле многу сербес, тиќи остај што никого не послушале, ами уште му се пострале на Сечка на брадата, бидејќи Сечко бил на излегуање, је се помолил на Марта и је дал некој ден на зајем да сврши работа, да му дојди на ако на бабите. Коа му се засукала баба Марта на бабите да коа беше удрила едни силни ветришта, со лапајца, што да не можи човек око да отвори и рака од пазуа да не можи да изваи. Како што си и тераа пустите баби козите и му се ќентаа на Сечка на брадата, та коа беа се здрвиле и беа се скамениле со сите кози што и терале“. Вакво предание во Мариово забележал и Воислав Радовановиќ, само што пркосот на бабата го слушнал Господ преправен во дедо, та тој ја смрзнал бабата заедно со козите и овците. Во преданието од Долновардарско (Егејска Македонија) забележано од Стефан Верковиќ кога бабата рекла: „Трш, козо на планина! Да му се серум на дедут Сечко на брадина!“ дедото Сечко рекол: „Мила Марто! Мила сестро! Мила мајко! Ти се мољум, ти са клајнум, уште две дни да ми даиш да држум, как сакум, така да правум, (стара баба). Дните да са твој, пувељʼта да е моа!“ Тоги фатило зима, виавици, лапавици. Бабата от стут измрзнала и са мраморисала заедно сус козјте. Ду денеска на планината бабата суштествува мраморисана коту чешма, сус фурка на појсут, а којзте спили“. Бележејќи обичаи, верувања, преданија од скопско А. Петровиќ го забележал и преданието за бабата Марта која му се замерила на месецот март. „Некоја баба Марта, се вели во ова предание, имала кози што рано се искозиле и имале рогови една педа, значи биле „педороги“. Бабата Марта мислела дека на крајот од месец Сечко се завршува и зимата па затоа со козите излегла на бачило. Одејќи на бачило зборувала: „Кеч, јарче педорогче да е с...у Марте на брадину. Со тоа сакала да каже дека не се плаши од месецот март зашто со Сечко си отишла и зимата. Бидејќи месецот ја нема таа сила и власт да мрзне како Сечко, тој му позајмил на Сечко девет дена, за тоа време Сечко да ја смрзне бабата Марта со козите. Тогаш започнал да паѓа силен и студен дожд што ги уништил и бабата Марта и нејзините кози. Сè се претворило во камења. Овие девет дена кои месецот март му ги позајмил на Сечко се викаат „зајамници“. Народот и сега се плаши од овие денови. Во Охридско се верува дека времето може да биде студено додека не поминат бабите. Тоа се три дена на крајот од март (според стариот календар) и се идентификуваат со трите најстари баби во селото. Се гледа какво ќе биде времето во текот на овие три дена, и по тоа се кажува дали биле лоши или добри трите најстари баби во селото. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан