• сабота, 23 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
14 април 2020 (МИА) Преподобна Марија Египќанка Со што можам да се пофалам јас која што долго време бев послушница на ѓаволот. Се срамам да раскажувам за својот живот – му одговорила монахињата.- Но јас ќе ти раскажам моите дела за да разбереш со колку срам е исполнета мојата душа. Се ќе ти раскажам. Ништо немам да премолчам. Но те молам да не престануваш да се молиш за мене, за и јас да најдам милост во судниот ден. Јас сум родена во Египет. Кога бев на дванаесет години побегнав од татковиот дом и отидов да живеам во Александрија. Меѓу соблазните на големиот и раскошен град јас ја изгубив девственоста и се оддадов на лекомислен и порочен живот. Така минуваа годините на мојата младост. Еднаш, тоа беше во време на жетва видов дека многу луѓе одат кон морскиот брег. Дознав дека сите одат за Ерусалим каде што ќе пристигнат за празникот Воздвижение на Крстот Господов. Се замешав во народот и замолив да ме земат и мене во коработ. Ми беше весело меѓу бучната и многубројна толпа. Преку сето време на патувањето по море јас ги соблазнував сопатниците со своето бесрамно поведение. О човече, Божји! Кој јазик би можел да го искаже и кое уво би можело да ги слуша порочните дела што ги направив на коработ. Кога пристигнавме во Ерусалим јас заедно со народот се упатив кон црквата. Беше толку тесно, што со голема мака се доближив до вратата. Кога стапнав на прагот некаква невидлива сила ме задржуваше и јас не можев да ја совладам. Уморена и замајана јас се тргнав настрана за да соберам сили зашто како што си мислев поради слабата женска сила не можам да влезам во црквата. По малку тргнав со друга група богомолци но и тој пат истата сила ме задржа. Тогаш јас се вратив и застанав во еден агол на црковниот притвор и потпрена на ѕидот размислував зошто не можам да влезам во храмот како другите и да го видам животворниот Крст Господов. Одеднаш Божествена светлина ми го озарти срцето, моите духовни очи ми се отворија и јас разбрав дека моите гревови се таа невидлива сила која не ме пушта да влезам во храмот. Скршена во духот јас си го припомнив минатиот живот и се ужаснав од длабочината на моето паѓање. Долго плачев, рикав и се удирав во градите поради тешките гревови. Кога ги кренав очите на ѕидот го видов ликот на Божјата Мајка. Откако не ги симнав очите од тој благ лик, јас започнав искрено да се молам: - Пречиста Дево – шепотев јас – признавам дека сум голема грешница и не сум достојна дури да го погледнам твојот пречист лик. Но јас сум слушала дека Твојот Син дошол на земјата за да ги повика грешниците кон покајание. Помогни ми да влеза и јас во храмот и да го вида она дрво на кое бил распнат родениот од Тебе Бог. Поклони ми ја таа милост да можам и јас да се поклонам на пречесниот Крст Господов. Ако се удостојам со таа радост јас ќе се откажам од досегашниот грешен живот и ќе одам таму каде што Ти ќе ми заповедаш. Така се молев јас и ми се стори дека молитвата ми е слушната од Неа. Со возбуда и страв повторно се упатив кон влезот на храмот и тогаш без тешкотии влегов внатре. Опфатена од неземна радост јас смирено се поклонив и го целував Крстот Господов. Потоа излегов и се вратив пак пред иконата на Божјата Мајка паднав на колена и продолжив да се молам. - О преблажена Богородице Дево, ти пројави кон мене голема љубов и велика милост. Ти не се згнаси од недостојната молитва на една блудница и ми даде можност да ја видам светињата, кон која што не бев достојна дури ни да погледнам.. Јас сум готова да го исполнам ветувањето. Биди ми раководителка и покажи ми го патот што води кон покајание. Тогаш слушнав некој далечен глас кој ми рече: „Ако минеш отаде Јордан таму ќе најдеш спокој за твојата душа. Се покорив на тој глас и веднаш тргнав на пат. Непознат човек ми даде малку пари, со кои купив три леба и откако се распрашав во која насока се наоѓа реката Јордан го продолжив патот. Околу 9 часот наутро го видов Крстот Господов, а при заоѓањето на сонцето стигнав во манастирот Свети Јован Претеча кој е блиску до р. Јордан. Откако си ги измив рацете и лицето во светата река јас се вратив во манастирот и се причестив со светите Тајни. Половината од едниот леб го изедов, пиев вода од светата река и спиев на земјата. Другиот ден ја минав реката и откако се помолив на Пресвета Богородица, дојдов во таа пустина каде што се посамотив и тука се заселив очекувајќи Бог да ме спаси од немоќта на душата и од бурите на животот. - Одамна ли си дошла тука? – ја праша Зосима. - Минаа веќе четириесет и седум години, откако сум излегла од светиот град. - А како преживеа толку време подалеку од луѓето. Со што се хранеше? - Тешко е да ти раскажа што се сум преживеала во таа пустина. Ми е страв за си спомнам за грешните помисли кои ме измачуваа како љути ѕверови 17 години. Тука јас донесов два леба и половина но тие скоро се завршија. Тогаш јас требаше да се хранам со корења и да трпа глад. Многу се мачев кога ќе си споменев на вкусната храна која што ја јадев во Египет. Кога имав сиромашка храна во пустината – трева и корења, јас ги сакав рибата и месото кои некогаш ги имав во изобилство. Тука често не наоѓав вода за да си ја угасам жедта и си помислував на оние скапи вина, од кои некогаш многу пиев. Понекогаш ми се јавуваше желба да ги пеам оние блудни песни кои порано ми преставуваа радост. Но кога ќе дојдев на себе си јас почнував да плачам и да се удирам во градите, додека ме грееше некоја чудна светлина и ме успокојуваше. Жестока беше борбата со блудните навики. Многу пати сум паѓала на земјата и сум плачела до изнемоштеност. Ден и ноќ сум лежела без чувства на земјата додека ме осветли таа чудна светлина и ме успокои. Облеката ми изгни, и телото на тешки искушенија трепереше од студ или гореше од сончевата горештина. но најмногу ме измачуваа лошите мисли и порочните желби. Легната на земјата јас викав на Бога за помош и не станував додека не се успокои моето срце. Тогаш ме исполнуваше некоја чудна светлина ме зафаќаше пријатен спокој и јас и бев благодарна на мојата небесна покровителка Богородица. Така се мачев седумнаесет години но потоа настапи спокојство. Како што гледаш Господ ми ги сочува и телото и душата. Словото Божје е мојот леб и мојата заштита. Јас се хранам со надежта за спасение зашто е запишано: „Не само од леб ќе живее човек“. (Мат. 4:4) Зосима се зачудил што монахињата употребува изрази од Светото Писмо и ја запрашал дали ги учела некогаш псалмите и Библијата. Таа се насмевнала и рекла: „Откако ја минав реката Јордан не сум видела никаков друг човек освен твоето лице денеска. И Библија не сум учила, ниту сум слушала да ја читаат и пеат, зашто самото Слово Божјо е живо и го освојува човекот“. Фрагмент од житието ма Преподобна Марија Египќанка. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан