• среда, 18 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
19 јуни 2020 (МИА) Лазороско-галички антагонизам  Антагонизмот меѓу луѓето од Галичник и оние од Лазорополе е прусутен од дамнина. Се практикувал секогаш и насекаде, особено во туѓина, на печалба. Се засилил при една измама, кога на еден личен лазоровец, наместо девојката свршеница, на свадбата (скриена зад дулак) му била подметната сестра и нешто постара и многу понелична. Измамата била откриена на патот од Росоки кон Лазорополе, кога некој од стројалените го открил дулакот под кој гувеела невестата и брзо реагирал со зборовите: „В темница одиме – тамница водиме“. Мајтапењата замираат последниве години откако и едните и другите ги напуштија родните села и се раселија. Сега веќе се изменија мотивите за антагонизмот на двете најголеми мијачки села, но затоа, пак, останаа темите кои и едните и другите ги врзуваат за заеднички имиња: Аврам, Рафе, Тофе. * Аврам задоцнил на работа повеќе од два часа. Рафе бил негов претпоставен, та затоа и го прашал: - Многу се забави денеска бре Авраме, да не те снајде некоја мока? - И ме снајде – му одговорил Аврам. – Никако да ја врата пастата за зоби шо ми се испушчи собајлево кога и миев диќеливе. * По Втората светска војна, меѓу првите во Галичник кој купил радиоапарат бил и Аврам. Со автобус го донел до под Јанче, а потоа пеш по Скала до Галичник. Неговите најблиски со голема радост го очекувале вклучувањето на радиоапаратот. Присутни биле и соседите. Се било поставено, се било вклучено, но радиото не пуштало глас. И како и секогаш на помош е повикан Рафе. Тој само што пристигнал во куќата на Аврама, уште од врата, поставил прашање: - Како го носевте радиово од Скопје? - Со автобус до Јанче, а оттаму пешки по Скала – одговорил Аврам. - Уморено е од потот, затова не работат, нека се одморит неколку дена, пак ќа видиме – ги посоветувал Рафе. * Скржавоста Тофева е позната. Еднаш влегол во меана и нарачал кафе. - Како ќа го пиеш? – Го прашал келнерот Аврам. седнат или станат? Седнат чини 50 денари, а станат од нанозе 30 денари. - Дај ми го ти мене за 10 денари. Ја ќа си го пија легнат. * Аврам и Тофе веднаш по војната, како активисти учествувале при пописот на населението во една градска населба. По земањето на генералиите на една убава жена ја прашале што работи, што е по професија. - Балерина – одговорила таа. И двајцата се изненадиле од професијата и затоа ја замолиле да им покаже во што се состои нејзината работа. Таа тоа и го направила, а Аврам срипал и му рекол на Тофета: - Побратиме, пиши ороспија. * Аврам и Рафе се добри другари, побратими. Едниот е лазоровец, а другиот галичанец. Еден ден Рафе специјално дошол во Лазорополе за да се опијани. - Зар не можеше тоа да го сториш во Галичник, туку мораше пешки да го качуваш Мачкино? - Времето до опијанувањето е исто во двете села. Но, ти немаш претстава какво задоволство е да бидеш пијан на рамно, да не водиш сметка дека по пијанството, ќе се истркалаш во Јанче и згора на това да мораш пешки да ја качуваш Скала – му одговорил побратимот. * Рафе и Тофе водат научен разговор. Се обиделе да одговорат на прашањето како настанала глувчерицата. - Пред многу години, во времето на социјализмот во Галичник биле дадени на товење крокодили. И таке... * Рафе фаќал капавица на покривот од својата куќа. Во еден момент на невнимание се слизнал и полетал кон земјата. На минување крај прозорецот, сепак успеал да и довикне на жена му: - Жено, за ручек нареди една рока помалку грав. * Рафе добил стан на четврти кат од некоја кула. И додека Рафе се радува, неговиот побратим Тофе е многу загрижен. - Шо си таков? – го прашала Тофевица. - Се плашам за животот на Рафета. А слушнет топан, скокат за играње дури и во сон. Па ми е страв во тоа скокање да не скокнет низ пенџере. Од книгата „Тешкото од Лазорополе“ од Блаже Смилески, авторско издание, 2006 г. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан