• вторник, 12 ноември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
7 јули 2020 Раѓање на Свети Јован Крстител (Иванден)  Пророк кој оди пред Спасителот Меѓу поголемите летни празници што македонскиот народ ги празнува со многу обичаи и верувања спаѓа и празникот во народот познат под името Иванден, всушност, празник посветен на раѓањето на свети Јован Крстител. Свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исуса, а наречен е уште и Претеча што значи претходник. Со своето учеење тој му претходел на Исус, одел пред него и го најавувал неговото доаѓање. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот. Именден празнуваат: Иван, Иванка, Јанко, Јане, Јана... Свети Јован е една од ретките личности во христијанската вера (покрај Исус Христос и Пресвета Богородица) кому Светата црква му посветила повеќе празници: Раѓање на св. Јован Крстител, (Иванден), Отсекување главата на свети Јован Крстител, Собор на свети Јован Крстител итн. Оттука може да види и значењето на овој лик во христијанската вера и воопшто во верувањата на нашиот човек. Во народниот живот и во народното верување свети Јован е значаен и по тоа што тој го има кумството и побратимството, зашто како што се раскажува во преданијата и како што се пее во песните кога светците ги делеле функциите на св. Јован му паднале кумството и побратимството. Свети Петар ‒ кључи од рајови, Свет Илија ‒ сиљни секавици, Свети Јован ‒ кумство, побратимство, Неделица, празник да празнуват Иванден е еден од најважните празници кај целиот словенски свет во кој се преплетуваат голем број обичаи и верувања од старата словенска митологија, со празнувањето на денот на раѓањето на св. Јован Крстител. Во народната традиција овој празник е поврзан со летната солстиција, односно со периодот на долгодневницата. Овој празник во годишниот круг празници е симетричен на Божик, денот поврзан со зимската солстиција, односно со периодот на краткодневицата. Овие два празника ги поврзуваат и повеќе обичаи и верувања поврзани пред сè со Сонцето. Во таа насока се и обичаите и верувањата поврзани со огновите. Ритуалите со билките, исто така претставуваат еден од најважните елементи поврзани со Иванден, а тие пак, исто така, се остаток од старите словенски верувања. Според светото предание св. Јован и Исус Христос биле блиски роднини зашто мајката на Јована, Елисавета ѝ била братучеда (според други сестра) на Ана, мајката на Марија, односно тетка на Марија, мајката на Исуса. Во времето кога според предвидувањето на старите пророци требало да се роди Спасителот Евреите биле под ропство на Римјаните. Во тоа време живеел еден чесен и побожен свештеник Захариј со својата жена Елисавета. Тие веќе беа остареле , а немале деца што во тоа време се сметало за голема несреќа и за божја казна за некој голем грев. И двајцата постојано и искрено го молеле Господа да им даде рожба, а Бог ја слушнал нивната молитва. Еднаш кога Захариј во храмот се молел на Бога го слушнал гласот на ангелот Гаврил кој му рекол дека ќе добие син кој ќе се вика Јован. Бидејќи не поверувал, за казна веднаш онемел. Кога му се родил синот според обичајот требало да го носи името на таткото, но кога Захариј го запрашале за името тој бидејќи го изгубил говорот зел штица и на неа напишал: „Нека се вика Јован“. Кога го напишал тоа говорот пак му се вратил и тој раскажал дека детето ќе биде пророк што ќе оди пред Спасителот и ќе му го подготвува патот. Во младоста Јован го сакал животот во пустината. Живеел во некоја пустина во долниот тек на реката Јордан, се облекувал со ткаенини од влакна од камила, а се хранел со скакулци и мед од диви пчели и со корења од билки. Кога наполнил 30 години по Божја волја ја напуштил пустината и се вратил меѓу еврејскиот народ, каде што ги учел луѓето да се покајат и да се подготвуваат за доаѓањето на Спасителот. Јован отворено зборувал против сите неправди, мани и негативности кај луѓето. Грешниците ги повикувал да се покајат и поправат за да им стане достапно царството небесно. Многумина помислиле дека тој е ветениот Спасител на што Јован одговарал: „Јас не сум Христос. Тој е посилен од мене, јас не сум достоен ниту врвците на обувките да му ги одврзам. Јас ве крштевам со вода, а тој ќе ве крсти со Светиот Дух. Мене Господ ме испрати да одам пред него и да му го подготвувам патот“. Со Иванден се поврзани многу обичаи и верувања но најповеќе се однесуваат на билките и верувањето во нивната магиска моќ. Верувањето пак дека тој ден играло Сонцето или дека се превртувало три пати е поврзано со тоа што Иванден се паѓа во најтоплиот период од годината. Од обичаите што се изведуваат на овој ден повпечатливи се оние поврзани со растението папрат. Имено вечерта спроти празникот се бери папрат, а тоа пак е поврзано со верувањето во неговата апотропејска моќ. Папратот се става на постелата и на него се спие за здравје, а рано наутро на самиот ден Иванден се плетат венци што се ставаат во бавчите за да ги чуваат од разни болести, временски непогоди како и други несреќи. Вечерта спроти празникот жените берат цвеќе што се вика Иванден, коешто го ставаат на ковчезите со алиштата за да ги чува од молци. Е. Спространов запишал дека во Охрид на Иванден ги ваделе „рутишчата“, ги распостилале по прозорците за да ги види сонцето и ги оставале да ветрејат. И во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека тој ден во Воден, треви лековити „висеет на дуќаните за да имает повеќе покупници“. За вакво вадење од ковчезите на најубавите облеки пишува и Кузман Шапкарев кој напоменува дека надвор ги чуваат до заоѓањето на сонцето за да не ги јадат молци. Во Разлошко празникот се викал Ињовден. Спроти празникот се правел венец од бело и жолто ињовче (бела и жолта ајдучка трева), а на самиот празник, откако стоката ќе се вратела од паша венецот се ставал на роговите од кравата, која потоа се молзела. По тој обред се верувало дека кравата ќе има млеко во текот на целото лето. По молзењето венецот се симнувал од роговите на кравата и се закачувал на чардакот каде што останувал до следниот Ињовден. Со празникот Иванден е поврзан и обичајот Тајане, што се изведувал во повеќе краишта на Македонија, но најдолго се задржал во Прилепско, Битолско и Крушовско. Имено вечерта спроти Иванден момчиња и девојки собирале билки со кои закитувале едно ѓумче и го полнеле со вода од три чешми. Едно од нив на возраст од 10-12 години го носело ѓумчето на глава и него го викале „Тајане“, а другите момчиња и момичиња оделе околу него и му пееле пригодни песни. Утрото групата со Тајането одела по дуќаните, каде што, исто така, пееле песни и собирале подароци, од кои потоа правеле заедничка вечера. Притоа се пеело: Тајане, Бојане, имам брат Свети Јоване, ункеши, ункеши, ункеши по маглата. По магла, по магла, по магла ситна роса, по роса, по роса, по роса мома боса. Играле момите крај манастирот, калуѓер гледа од пенџериња, фрли си шапка на герамиди, од герамиди на трендафилот, белата брада на берберница црната брада на касапница. Кус опис на овој обичај пред околу еден век направил М. Цепенков кој сведочи дека во Битола спроти Иванден „ќе нанижат еден ѓум со секакви цвеќиња и ќе му клаат тел од невестата што гувеела. Ќе го покријат со еден превес и ќе му го клаат на некое дете на глаа, да го носит. После ќе се ватат девојчињата рака за рака, секое спроти бојот, та ќе одат од чешма на чешма пеејќи една влашка песна вака: Тајани, ѓанизмата кокʼ за, ќи кʼ за“ и др. Утрото ќе шетаат по куќите и ќе пеат та ќе му даваат кај пари, кај брашно, кај масло и др. Од собраното зајре ќе направат и сите ќе ручаат, а парите ќе си и делат или ќе и купат нешто емиш за јадење. Во Крушоо клаваат во ѓумо прстење и кој ќа биди пообелен таа мома побрго ќе се мажи“. Според еден запис на Ѓорѓи Киселинов во минатото во преспанскиот крај Иванден бил празник на момите. Тие еден месец порано се подготвувале за празнување. Се собирале во некоја куќа во маалата и со песни и веселби ја подготвувале куклата наречена Иванка. Преку дента момите во полето собирале иванско цвеќе и лајкучка (боливач), а други по куќите собирале пари, потоа брашно, циронки (сушени риби), суво месо и плодови. Секоја домаќинка, особено таму каде што имало девојки, со задоволство давала зашто потоа се правел и печел кравај од кој девојките што ќе каснеле побрго ќе се омажеле. По собирањето на даровите едни работеле, а други ја правеле „Иванка“. Иванка, куклата што игра важна улога во иванденските празнувања е голема кукла со женски лик, но без нозе. Се земал голем бакарен ѓум, во него се турала вода, а потоа се фрлале и цветови, од разни билки. Потоа секоја девојка во ѓумот ставала свои украси како прстени, гривни, гердани, обетки итн. Потоа се земало една стомна со големина колку човечка глава, се завиткувала со бела шамија и со грлото се ставала во грлото на ѓумот, при што се врзувала цврсто да не паѓа и да не се мрда. На главата на куклата ставаале коса исплетена во плетенки што ја заврзувале со шамија со темна боја. Со јаглен ѝ ги цртале очите, носот и веѓите, а со црвена боја устите и образите. Со уште поцрвена боја ѝ ги цртале ушите и брадата. Потоа околу ѓумот врзувале снопчиња боливач за да изгледа телото пополно. Притоа внимавале да стават толку цветови колку што собира фустанот за да можат да ја облечат и да ја закопчаат. Облеката на Иванка се состоела од една долга бела риза и фустан на момиче од 5-6 години. Ракавите на кошулата се полнеле со боливач и потоа се облекувале на куклата, над неа се облекувал фустанот и во ракавите ги вовлекуваат ракавите на кошулата. Ја опашувале со свилен појас, главата ѝ ја украсувале со цвеќиња и со украси, околу вратот ѝ ставале гердан, на градите сребрен крст, а на уште убетки. Момите се натпреваруваат која побргу на Иванка ќе го стави својот украс зашто веруваат дека така побргу ќе се омажат. Подготвувајќи ја куклата момите пееле повеќе песни, но најчесто се пее песната „Иванко, Иван девојко“. По стемнувањето Иванка ја ставале на главата на некое момиче и тргнувале по улиците на градот или селото, пеејќи разни песни и веселејќи се. Момчиња оделе во близина на куклата и ја чувале од друга група којашто сакала да им ја растури. Сето население излегувало да ја гледа куклата да ги слуша песните. Куклата облечена како невеста ја носеле на чешмата, таму ја попрскувале со вода и ги полнеле двете стомни што ги носела една од момите. Потоа се враќале во куќата на вечера, а по вечерата цела ноќ шетале по улиците и пееле. Следниот ден по Иванден ја растурале куклата, секоја мома си го земала својот украс, дел од облеката од куклата, по малку вода од ѓумот во чаша, и по еден или два страка иванско цвеќе и лајкучка. Тогаш го сечеле кравајчето и раздавале касаи кои момите заедно со водата и цвеќето си го носеле дома. Момите што собирале брашно сега разнесувале од кравајчето во секоја куќа од каде што земале брашно за да каснат домашните за здравје, а момите за скорешна свадба. На Иванден, рано наутро мажите, жените и децата оделе во лозјата и береле растение наречено „наваличе“ кое го ставале на дуќаните за да навалуваат муштериите. Обичајот „Тајане“ бил познат во Битола, Крушево, Прилеп и други места, со тоа што во Прилеп го изведувале само девојчиња. Во Мала Преспа според сведоштвото на Стерјо Спасе на Иванден се пеела песната: Ивано, Иван девојко, качи се горе на Иван, на Иванови врвови, да видиш поле втасано, фтасано и обелено! Да видиш пченица класана, да видиш снопје врзани. Ивано, Иван девојко, што си вечера зготвила? ‒ Погача, пресна ржена, циронќи со штир варени. Во Струга било обичај на Иванден да се касне јаболко за здравје. Поради тоа уште од есента се чувале јаболка во слама или во ковчези. Тие што не зачувале јаболко многу скапо го плаќале, само на тој ден да се касне, ако не да се изеде цело јаболко барем секој член од семејството да изеде по едно „фелче“. Во Струга береле и иваново цвеќе за против молци, а правеле и разни лекарства. Со Иванден е поврзано и верувањето дека со помош на магиски дејствија може да се украде млеко од стоката, масло или други плодови. Се разбира, според верувањето тоа го правеле жени маѓесници кои со своите магиски дејствија што ги изведувале на овој ден можеле и житото од туѓите ниви да го доведат во своите амбари, или млекото од туѓите овци или крави кај своите. Во Кочанско, спроти празникот маѓесницата се соблекувала гола и гледала да му го пресече патот на некое стадо овци или кози или незабележана да влезе во некое стадо каде што со друга маѓесница три пати ги повторивале зборовите: „Гас и гас, сето масло у нас“. Потоа јавале кросно, а кросното и во други случаи има важно место во изведувањето на разни магиски дејствија. Во некои краишта ако времето околу Иванден е многу сушно правеле додоле и се молеле за дожд. Тропар Рождество на Свети Јован Крстител Пророку и Претечо на Христовото доаѓање, ние што со љубов Те почитуваме, не знаеме како подостојно да те прославиме. Со Твоето славно и чесно раѓање се разреши неплодноста на родилката и безгласноста на татко ти, а на светот му се проповеда овоплотувањето на Синот Божји. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан