• среда, 18 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
9 февруари 2021 (МИА) Традиции За црквите Свети Јоан Каневски и Света Богородица Челничка во Охрид или венчанието на еден цар Меѓу многуте цркви во Охрид има две забележителни поради долуизложените настани, раскажани како предание: а). Црквата Св. Јоан Богослов се наоѓа во маалото Канео над еден стрмен камен наддаден над езерото на југозападната страна на градот. Таа црква имала три врати една кон запад и по една кон север и кон југ. Северната е заѕидана. Има предание што кажува дека таа врата се заѕидала по венчавањето во таа црква на еден цар кој по венчавањето излегол од црквата низ таа врата; зашто како што велат во такви случаи низ било која врата да минал царот за прв пат, таа врата задолжително требало да се заѕида за да не мине веќе друг по него. Тоа се потврдува и од споменатиот случај. б). Во истиот град, на источната страна до самата карпа (тврдина) има друга црква Св. Богородица наречена како и маалата „Челница“. Во таа црква ниту младоженци се венчаваат ниту новородени деца се крштеваат, зашто како што велат не траеле венчаните и крстените во неа, зашто била толосомлија, т.е. во неа живеел некој толосом. Под самата таа црква под самата карпа имало врата низ која се влегувало во градот, која денес не постои и не се познава дека некогаш ја имало. И таа, исто така, била заѕидана во она исто време кога и погоре споменатата црковна врата на храмот Свети Јоан Каневски и од таа иста причина што низ неа за прв пат излегол ново венчаниот цар. Но кој бил тој цар, преданието не запомнило. Дали тоа бил Јоан Асен Втори кој се венчал во Охрид? Истоимениот храм доаѓа да ни подшушне дека претпоставката не ни е подалеку од вистината. За селата Исток и Герман во Преспа На источното ребро на планината Летница меѓу Охрид и Преспа има село наречено исток. Месното население смета дека тоа е местото на раѓање на царицата Јустина и императорот Јустиниан Велики, така наречени од името на Јустинијановиот татко кој исто така се викал Јустин. Уште поради убедување велат дека таму се гледале и основите на Јустинијановото „Четверост’лбие“. Во Преспанската околија има село со друго име Герман кое како што велат било родното место на Јустинијановиот прочуен полководец Велизарија. Исто така, има и планина со името Герман. За селата Г'бавци и Подмолје кај Охрид На северозапад од г. Охрид крај езерото има селце Г’бавци, а поназапад близу до него друго – Подмолје. До првото има многу турски гробишта стари и едно турбе, кое месните Турци многу го почитуваат. Велат дека тие гробишта биле од паднатата турска војска во една борба со Скендербег, како и турбето – гробот на паднатиот во таа борба турски воен началник Балабан-паша. Споменатите две села имињата ги добиле од тие настани. За Охридската тврдина Близу до истото село Г’бевци и зад гробиштата понасевер и исток има планина и могили, денес испосадени се со лозја, како и споменатите могили наречени Чекоштина, а рамнината се вика Патерица. Меѓу лозјата во Патерица има огромни грамади камења плочи и секакви остатоци од стари зданија. Велат дека во старо врфеме тука имало едно Охридско предградие наречено „Хермелја“ каде што христијанската вера ја проповедал Св. Еразмо и со илјадници ги крштевал во блиското езеро. За тоа предградие еве какво уште предание има: Од неговите камења била направебна Охридската тврдина и камењата биле предавани од рака на рака на наслението кое било поредено во долги синџири или танци од предградието до градот. И дека народот од обата пола бил ангажиран во таа работа до толку што едвај по една стара баба била оставена на по седум лулки со мали деца да ги лула кога сите други мажи, жени и деца биле зафатени со подавањето на камењата од Хермелеја до Охрид. А кога било тоа нешто никој од месните жители не знае, веројатно се работи за некое време кога имало голема опасност од напаѓачите. За Езерците Во старо време целиот кирајезерски брег бил исполнет со села и градови во кои живееле таканаречени Езерци, име земено од езерото кое грчките писатели го извртеле на Дасарити. И сега во Охрид и околината се наоѓаат камења со натписи од тие Езерци или Дасарити. За Девол и Панѕир На јужниот брег од Охрид, на подножјето на поланината Галичица има една стара, здрава и запустена црква, Византиска направа, наречена и денес Заум. Велат дека таму имало предградие Девол или Диавиа во кое проповедал пореподобен Наум еден од светите седмочисленици. Малку понаисток на планината Летница има црквичка наречена Свети Стефан Панѕир. Велат дека и на тоа место имало предградие со истото име од каде секоја година излегувале по 300 души војници панѕирлии. За преземањето на Охрид од Турците и за Скендербега Од кого, кога и како Турците го презеле градот Охрид со сигурност не се знае.Некои темни преданија постојат меѓу народот по тоа прашање кои подобро ќе се видат при подробното опишување на овој град. За сега тука само ќе споменеме дека кога дошле Турците и го прзеле градот, сите попрви граѓани избегале и се преселиле во градот Венеција каде што кажуваат до скоро имало маала наречена Охридска. Отишле тамо, а не на друго место, како што во владеењето на Скендер-бег и по неговата смрт, оделе на други места, меѓу кои веројатно спаѓал и Охрид до Ѓавато, два часа на југоисток од градот Ресен кон Битола. За Здеглавје и Белица или првите Светиклиментови епископии, Главиница и Велица а). Во охридскиот округ, 8-9 часа на север од градот има една околија наречена Дебарца, поделена на два дела Горна и Долна Дебарца. Во последната има главно село Здеглавје или по турски изговорено Изделглавје. Преданието кај нас раскажува дека тоа село Здеглавје било некогашната Главиница првата Св. Климентова епископија. Некои најдени знаци ја потврдуваат веројатноста на ова предание. б). На најзападната граница од истиот округ на околу еден и пол до два часа на запад од градот Струга на источното ребро од Беличка планина лежат две влашки села Горна и Долна Белица. Првото горе на планината помало, а последното долу во подножјето доста големо со жители повеќето трговци. Понадолу кон север има уште две големи села: Вехчани и Октиси, а близу до нив едно Арнауто-мохамеданско исто така големо село Велешта со теќе и Шех во него и со жители најсвирепи злосторници во земјата. Преданието се запазило и за тие села, особено за последното дека на истото тоа место на кое стоела некогашната Белица искривено Велица втората Св. Климентова епископија кое според истото предание била град со 3000 и повеќе семејства. За потврдување на верноста и на тоа предание има докази кои ќе ги објавиме на друго место. За Свети Климента Во градот Охрид има изобилие од секаков вид овошки какви што не се наоѓаат секаде. Велат дека Свети Климент не само луѓето од Охридскиот крај ги просветил во христијанската вера, туку и плодните дрва ги опитомил, кога од Азија донесол во градот плодни овошни насади и ги калемил дотогаш дивите месни овошки. Заелешка: За сите тука досега споменати преданија и за други како што кажав понапред подробно ќе се види во моите описи кои се надевам ќе бидат покажани на бел свет за скоро време. Од записите на Кузман Шапкарев. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан