• сабота, 28 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
18 март 2021 (МИА) Народна митологија Зa вампирите Од јужната страна на Прилеп имат едно маало што се викат Алавантиоо маало, Ѓуроо и Кај вироите. Во тоа маало имаше еден чоек што го викаа Никола Трајков Кртот. Во 1843-4 лето Никола умре; арно ама мнозина во тоа време умрени мажи се свапируаа, и жени стари баби што знаеја во животта да си бајат и да врзуваат младоженци се чинеа вештици и одеа по куќите ноќе, кај што имаше мали дечиња во крошни, та им испивале крвта и умирале. Никола Т. Кртот кога умре, се свапири и одеше по комшијте ноќе да праит триста пакоси: камење врлаше по куќите, со грутки плитари врлаше во пенџерињата, му гасел виделото, и откоа ќе ’и заплашеше луѓето арно, ќе си легнеа, и ќе се покриеја под покров од пусти страв. Така и јас се криев под покров и ноќе без мајка ми не излегуав понадвор од пусти страв што имав навечер кога да ми кажуаше мајка ми за вапирот Кртот што напраил онаа вечер и другата и треќата. - Мори мајко, - и велев - ами ако доит Кртот (вапирот) ова маало, кај нас, што ќе праиме ние после? - Немај страв, а чедо – ми велеше – оти не можит преку река да поминит и да се пренесит некако на некој тоар, у нас не му држит да влезит од песо што го имаме, чунки ет со четири очи. (Песот над очите има две бенки слични на очи.) И откога ќе се уталожеа комшијте од вапирот, ќе му влезеше дома и ќе му отвореше ноќвите, та ќе му изваеше се што имаа внатре и ќе му ’и наклааше стред куќа и сета посатка ќе му ја собереше на куп стред куќа. Кај што имаше нешто добиток, ќе му го вјааше вапирот и ќе му шеташе со него низ двороите. Оти откоа ќе го довјаал вапиро коњо или магарето, ќе го најделе стопаните жива вода сторено. Тоа го одаваа чунки вапирот бил многу тежок, до триста ока имал: ако снага немал, ама му тежела снагата од вапирот, исто како од некое сениште. Од многу жени се прикажуаше оти вапирот кога ’и налегнуал голема тежина усетуале во постелата, дури му идело да пукнат, арно туку беа му научиле марифето, тики и се куртулисуале побрго со едно велење: „Во имја Оца и Сина и светаго Духа, амин“, и веднаш се праел вапирот дев од чоекот што го наклапушил. Во многу куќи во моето маало, кај што беа влажни на земи, имаше сеништа. Се погоди и ние да седиме во една куќа такваа и еднаш мене ме налегна сениште (според како што веруав тогај). Многу пати мајка ми ја налегнуаше и сакаше да викат со глас во сонот, арно ама не можеше да мрдни со прс. Едно ќе смрдаше со некој прс или со рака или од нога, и сеништето ќе се стореше дев од неа. Откако излеговме од таа куќа во една друга, тамо веќе не ни дојде сениште. Никола вапирот многу додеваше во негоото маало и голем страв претргавме од тоа време од пусти вапири, од сеништа, дервиши и вештици, арно ама на секоја болес има и лак: имаше во тоа време луѓе вапирџии што ’и тепаа вапирите, имаше друзи што знаеја да одвратат вапирите од тоа маало во друго со бајачки и кушачки. Да од тоа нешто малку имавме од вапири куртулија; оту ако немаше таквие луѓе; Господ да ни беше на помош, сите прилепчани ќе не издавеа. Друг вапир се свапирил во куќите од Ангеле Џамбазот. Нему не му знам името и не паметуам јас, чунки има близу шеесет години, според како што ми кажуаше, Бог да го прости, Тимион терзијата. За тој вапир беше го натерале владиката да пеит параклис во куќата: од четириесет куќи по комшии четириесет кандила да горат четириесет вечери, ама со маслото од домаќинот кај што се свапирил вапирот. На четириесетте дни владиката пошол во саботен ден на гробот од вапирот, та крстил вода и го откопале гробот, та ти го нашле умрениот отечен колку еден тапан и со устата зината како некоја пештера, очите крвјосани асли како вапир. Сполај му на владиката, зел крстената вода и спружил патерицата прао во устата од вапирот и полека-лека по патерицата ја турил водата во устата од вапирот, и сполај му на Бога, за чудо големо, туку веднаш се отпуштил умрениот, од кај што беше отечен како тапан, спадна и се стори како некоја штица. Од тој саат ѓоа го снемало вапирот и се сторил невиден бист. А пак Ангеле Џамбазот ни кажуаше оти од пеењето на владиката не се сотрел вапирот, чунки по два дена откако го откопале пак му дошол дома кај него и уште поголем пакос му праел, чунки бил налутен многу од крстената вода. Најпосле чарето беа му го нашле со отепуање. Не знам колку пари беа го цениле Курта вапирџијата за да го отепат. Курта јас го завтасав и го знам многу арно. Тој беше еден висок, та дури беше подведен малку, во лицето беше многу бел, дури абрашлив, косата, веѓите, клепките бели како книга, очите многу малечки, устата малку накривната. Курта кога да го видевне ние, бидејќи деца бевме, тики страв ни беше од него, а тој дека гледаше оти сите се плашеа од него тики се држеше многу на големо и секого заплашуаше. Еве како и тепаше Курто вапирите. Во куќата кај што имаше умрен и свапирен чоек, ќе се пазареше за пари што ќе го стореа каил и ќе му нарачаше на домаќинот да заколат една црна кокошка; крвта од кокошката да му ја даат нему за да праит со неа ноќта вапирџилак (да можит да го видит вапирот), а месото од кокошката да го напраат манџа за вечерта и една убаа погача. Курто ќе појдеше да вечерат у домаќинот кај што ет вапирот, ќе го натераше домаќинот да поканит и троа гости и тапани или гајди да имат. Откоа ќе вечераа, Курто ќе земеше пушката в раце, а гостите ќе ’и натераше да се ватат едно оро, ќе удреа чалгијте да свират и луѓето да се разиграат, санки свадба ет, оти беше било непендек за вапир, многу ќеф имал да игра на тапани. Тогај Курто со пушката в раце ќе се стрчаше вамо-тамо, ѓоа го гледат вапиро и ќе намеруаше со пушката на вапирот за да го убиет. Откоа ќе му се здодеит на Курта трчаеќи, ќе намереше со пушката и ќе го удрит ѓоа вапирот и ќе го пуштеше домаќинот да видит дали го отепал. Кога ќе појдеше домаќино со сите гости да видат, ете ти го отепан, и се пивтосала крвта од вапирот, чунки немал снага, тој бил дув нечис и затоа влегуал низ најмалечката дупка, кај да сакат. И кога ќе го отепаше Курто – саде крвта ќе му останеше, а дуот нечис прав и пепел ќе се стореше. Гробоите од вампирите имале една дупка, што си оделе во сабота во гробот да си лежат, чунки непендек било ете вапир во сабота не одел по куќите да праит зулум. Од што ми беше мене страв не појдов на гробишта да видам дали е вистина да имаше дупка. Курто вампирџијата кога ’и тепаше вапирите, еднипати ќе се вател гуша за гуша и ќе се бореше со вапирот, да ја ќе го кутнеше вапирот Курто, ја вапирот ќе го кутнеше Курта. Еве како беше кутканицата: ако паднеше Курто на плеќи, ќе му нарачаше на луѓето брго да го креваат, оти вампирот го кутнал и можит да го удаит, ако го налегнит, а пак ако паднеше Курто ничкум (на гради, на лице), тогај го кутнал Курто вапирот и не требаше да го креват Курта одземи, чунки вапирот е паднат под Курта. Курто вапирџијата бил зачнат од свапирен татко, чунки кога умрел татко му се свапирил и секоја вечер си идел дома у Куртоата мајка, како коа бил жив и му носел од сете убаиње дома и туку си останала тешка за Курта. Откоа останала тешка кажала на комшиите оти од мажо је бидејќи свапирен, останала тешка. Маалците, откога се научија здраво од Куртоа мајка му пошле во еден саботен ден на гробот и го откопале, беа го нашле кај си лежел внатре. Брго, брго запалија еден огон и зовреа еден котел вода, та беа го попариле вапирот. (Подготви Марко Китевски)

Остани поврзан