• четврток, 26 декември 2024

Обичаи и верувања

Обичаи и верувања
17 мај 2020 (МИА)  Народна митологија Преданија и верувања за животни 1. Лилјакот некоаш глушец бил како сите глувци и по блаосов од Риста се сторил лилјак. Еве како прикажуаат сите: Кога бил Ристос на земјава, на ден Величетврток бил в црква и коа му раздаал на луѓето наора, паднало некое парченце наземи и отишол лилјакот та го изел парченцето. Бидејќи била блаосоена наората од Риста му никнале крилја и од кај си лазеше и одеше поземи, се најде да лета како врапче; арно ама пак си лета ноќе, а не дење, чунки така си бил учен уште од деда и прадеда. Бидејќи ноќе било кога ја каснал наората, си останал за ноќно пиле да бидит. 2. Гулабите биле поповчиња (попоски деца), та оти биле поповчиња, пееле толку многу во пролет. Арно ама пеењето не му било нешто книжевно, ами со лоша клетва го колнале попо, татка си чунки не и дал на даскал за да учат книга, тики сами се проколнале и се сториле гулаби. Еве како велат и како го колнат попот: Ослепел попе, зашто не ме даде, книга да учам, ѓаче да бидам! 3. Гулабите кога да гугале по планина и по поле тие разгоор си праеле помеѓу себе и еден други алот си го плачеле и си велеле: - Ах бре брате, види што е чудо пченица по поле, ама да се најадеме дојунџе и пак едночудо да останит поземи, што немам во што (во амбар) - му велел еднио на другио. А пак во зиме си велеле: -Ах бре брате, имам во што, ами немам со што! Демек немало пченица по поле. Во село Тајмишта (Тетоско) вака веруаат за гулабите. 4. Врапчето што се вика сипак (тоа е жолто конопко во периуите и големо колку конопаро). Во зимно време тоа си пеело вака: „Сипи, сипи, сип, сип“. Така пеело кога било зготвено времето да врни тиок снег. Штом ќе го чујат луѓето сипакот оти пеит така и ќе чекаат снег, и завистина ќе заврнело. А пак истиот сипак во пролет ќе пеело за југо да дувнит, и завистина штом ќе познаел сипако оти југо ќе дувнел ќе вател да пеит: „Југ, југ, југ, југ“ и за малку време ќе излезел југот. И во тетоските села тоа го веруаат како и кај нас. 5. Змиите и жабите во зимно време си јаделе земја и така се ранеле и не умирале. 6. И мечката сеќаала коа ќе паѓал голем снег, и пред да заврни големио снег, ќе се изнајадела јако од што ќе најдела и ќе си влезела во дупката да си лежи, да дури да се распраи времето арно. За колку време ќе лежи во дупката ќе се ранела со шмукањето со уста својте прсти од рацете и од нозете, со тоа живеела да дури да се опраит времето и да излезит понадвор да си бара јадење. 7. И зајакот знаел коа ќе се расипи времето и да врни многу дни дож или голем снег, како што знаел петело и друзите животинки. Штом сети зајакот оти ќе врни снег, ќе се опечали арно да се изнаспие и пред да заврни ќе си појди кај што му е легалото, и ќе си свие глаата кај опашката, та ќе си лежи да дури да преврни дождо или снего. Ама колку дни да врни, толку тој ќе лежи гладен или жеден, само и само легалото да не му се наводени. Шес педи макар снег да падни на него, тој нема да стани. А едно ќе усетит оти нема веќе да врни и ќе искочит од легало, та ќе рипни накрс неколку пердаи и ќе тргни да си бара јадење. Со рипањето наоколу од седелото мислел сиромашкио зајак да си го укрие легалото од ловџиите и ќе тргни да си гризи корупки од дрвјата за да нарани душа. 8. Мачката молела Бога за да умрат старите што сет во куќата, та да је се отворат и да си седит раат крај огниште та да си ја печи муцката и опашката. Зашто ако има стари што да седат крај огниште, не ќе ја остаале да си се печит крај огнот и ќе ја тепале со машата и со кацијата. 9. Куче што живеит во куќа, дење и ноќе молело Бога за Господ да му даит на стопана му поеќе деца и бидејќи децата ќе бидат сеедно со лебо в рака, ќе се ранит покрај нив и тој дојунџе. 10. Машката видра чунки живеит во вода поеќе коа сака да се сери, излегуала од езеро или од река надвор и откоа ќе се посерела, ќе го покриела како што го покрива мачката за да не му знаат трагата и да му клаат стапицата. Ако се вати некоја видра во стапица, веднаш ќе си изеела мадињата за да не му и земат луѓето и да се лекуат со нив, чунки знаела таа оти је биле мадињата за лек. При се што е видрата машка, тука се покажуа женска, чинки едно име знаат старите и за машката видра велат и за женската. Записи на Марко Цепенков. Обичај „Чужбина“ 1. Кога некој ќе тргне на јабана, ќе му го полејат патот три пати со вода, а кога ќе се враќаат домашните, му собираат зелени треви за да се врати и патникот зелен. Ако патникот го сретне некој празен човек тоа претскажувало нешто лошо, а ако го сретнел некој полн тоа претскажувало богатство. 2. Кога напролет ги обележуваат јагнињата со отсекување на ушите отсечените парчиња ги собираат во една крпа и ги ставаат на некој мравјарник, за да се расплодат јагнињата и да се множат како мравките. 3. Кога наесен некој тргне да сее жито за прв пат, вреќите со житото и себеси се закитува со цвеќиња, слично на житен клас и со многу зрна за така да се роди и тоа што ќе го посее. 4. Кога во пролетно време ја истеруваат стоката по планина ги тераат со едно растение „дебелика“ за да се здебелат животните како дебеликата. 5. Кога некое мало дете е болно од жолтица, земаат два конца еден жолт еден црвен и тоа да бидат толку долги колку детето. Потоа го земеет црвениот конец и го носат на трендафил тамо да преноќува, потоа и жолтиот го оставаат на трендафил и го врзувале на шијата на детето, за така и болеста да остане на трендафилот. 6.Баење од уроци: Уроци е болест со припаѓање. Таа се добива кога некој човек има лоши очи и кога погледне некој убав предмет, било човек било животно и го урочува. Вака се лекува: Земаат вода и болниот го измиваат три пати по лицето. Притоа го велат следново: „Ако е урочен од машко, да му пукне левото маде, ако е од женско да и пукне левата боска. И најпосле велат: „Да испукаат тие што го погледнаа болниот“. Тоа се бае на јајце што е скршено во паница. Ако јајцето образува меури како очи се работи за болест од уроци. Ако нема меури, тоа не е болест од уроци. Запишал Лазар Липев, 16 април 1890 година, село Белица, Разлошко. Македонија. (Подготви Марко Китевски)  

Остани поврзан