• сабота, 23 ноември 2024

Обединетите нации во Северна Македонија организираат Предизвик за одржлив живот

Обединетите нации во Северна Македонија организираат Предизвик за одржлив живот

Скопје, 16 октомври 2024

 

Како дел од активностите за одбележување на Денот на ОН (24 октомври 2024 година), семејството на ОН организира предизвик кој промовира едноставни, влијателни, секојдневни акции за заштита на планетата и луѓето.

Семејството на Обединетите нации (ОН) во Северна Македонија ги поканува сите граѓани да се приклучат на специјалниот седумдневен предизвик за одржлив живот чија цел е да се подигне свеста за итната потреба за поголема одржливост, преку практични и едноставни акции.

„Со воведување мали, свесни, влијателни акции во нивниот секојдневен живот, секој може да придонесе за создавање на поодржлива иднина, за нас и за идните генерации“, вели Рита Колумбиа, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. „Од витално значење е сите да разберат дека без разлика колку мали може да изгледаат некои промени, тие можат да имаат огромно влијание, доколку сите почнат да ги прават“.

Сите луѓе кои живеат во земјата можат да се приклучат на предизвикот со документирање на нивните искуства во следните седум дена, на патувањето кое ќе ги води низ седум различни области на одржливо живеење и со објавување на искуствата на нивниот предизвик на социјалните медиуми, употребувајќи ги ознаките #ИЈасИмамЦел #ITooHaveAGoal.

Темите што ќе бидат опфатени во Предизвикот организиран во пресрет на Денот на ОН (24 октомври 2024 година), вклучуваат:

- Ден 1: Ден без пластика – Поминете еден ден без пластика за еднократна употреба. Толку сме навикнати на пластиката околу нас што не ни забележуваме некои работи кои можат да имаат штетно влијание врз нашата околина. Предизвикот е - колку е тешко да се најдат и користат поодржливи алтернативи, барем за еден ден?

- Ден 2: Ревизија на отпадот – Вториот ден предизвикот е едноставен - ги повикуваме сите да го разгледаат своето ѓубре! Можеби звучи чудно, но ако навистина сакаме да дознаеме какво е нашето влијание врз нашата животна средина, ова е првата работа со која треба да започнеме.

- Ден 3: Заштеда на енергија – Паметното, свесно користење на енергијата е исклучително важно за намалување на негативното влијание на фосилните горива. Ве повикуваме сите да внимавате на енергијата (струја, гас, бензин) што ја трошите во текот на денот. Предизвикот овде е да преземете акцијата, со која најмногу ќе заштедите енергија. 
 
- Ден 4: Заштеда на водата – Овој предизвик е повик да се заштеди водата, особено висококвалитетната вода за пиење, преку мали активности, како што се поправање на протекување и пократко туширање.

- Ден 5: Одржлив транспорт - На овој ден се стремиме да промовираме еколошки транспортни опции како што се пешачење, возење велосипед и јавен превоз. Пешачете до вашето работно место и назад, фотографирајте и споделете ја активноста со хаштаговите #ИЈасИмамЦел.

- Ден 6: Истражување на исхрана базирана на растително потекло – Поголемата употреба на храна од растително потекло не е само добра за животната средина, туку и за нашето здравје. Предизвикот овде е да се обидете да вклучите повеќе растителна храна во сите оброци во денот, барем за тој ден. Учесниците се охрабруваат да споделат некои рецепти со етикетите #ИЈасИмамЦел.

- Ден 7: Размислувајте глобално, дејствувајте локално – На последниот ден од предизвикот за одржлив живот ги повикуваме сите да внимаваат на изборот на производи и услуги што ги користат. Поддршката на локални бизниси и иницијативи кои придонесуваат за одржлив развој не е добро само за економијата, туку и за нашата животна средина. Сите заинтересирани учесници се поканети да ги документираат сите свои секојдневни активности на социјалните мрежи користејќи го хаштагот #ITooHaveAGoal #ИЈасИмамЦел и да споделат како придонесуваат за поодржлив свет, инспирирајќи ги другите со своите акции.

Предизвикот ќе кулминира на 24 октомври 2024 година со настан во Градскиот парк Скопје, каде што сите заедно ќе можеме да ја прославиме важноста на одржливоста и заедно да го одбележиме Денот на ОН. Денот на ОН ја одбележува годишнината од Повелбата на ОН, основниот договор на Обединетите нации, кој стапи на сила на 24 октомври 1945 година. Овој ден е потсетник на улогата на ОН во справувањето со глобалните предизвици, поттикнувањето на мирот и промовирањето на човековите права, развојот и одржливоста низ целиот свет.

Соопштение од Обединетите нации - Предизвик за одржлив живот

Фото: Обединети нации во Северна Македонија

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан