• среда, 18 декември 2024

Обвинителство поднесе обвинителен акт за убиството кај „Мавровка“

Обвинителство поднесе обвинителен акт за убиството кај „Мавровка“

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи. Станува збор за обвинетиот кој на 20 август, позади трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, од користољубие, со пиштол лиши од живот едно лице.

Како што соопштуваат од ОЈО Скопје, обвинетиот, на 20 август, позади трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје, од користољубие, со истрел од огнено оружје – пиштол, го лишил од живот оштетениот Васил Ефтимов, по што со пиштолот се заканил и на неговата сопруга и ја одзел од неа торбата која таа ја носела на нејзиното рамо и една гајба во различни бои покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која оштетените ја имале во возилото.

- Потоа во автомобил со белгиски регистраски ознаки избегал кон Гази Баба. Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот, стои во соопштението од Обвинителството. 

Се дополнува дека полицајците во самоодбрана испукале неколку предупредувачки проектили во воздух со службеното оружје, и успеале обвинетиот да го совладаат, по што тој го фрлил пиштолот и бил уапсен.

- Обвинетиот ќе одговара и за недозволено поседување на оружјето со кое го извршил делото – полуавтоматски пиштол марка „ГЛОК 17“, без фабрички број, калибар 9мм, кој го поседувал без дозвола, велат од ОЈО.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот.ар/дма/


Фото:МИА архива 

Остани поврзан