• петок, 27 декември 2024

Обвинителот Јовески побара поддршка од јавните обвинители за удвојување на напорите за враќање на довербата во институцијата

Обвинителот Јовески побара поддршка од јавните обвинители за удвојување на напорите за враќање на довербата во институцијата

Скопје, 31 март 2023 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески на Денот на правосудството – 31 Март лично им се обрати на јавните обвинители и ја побара нивната поддршка за удвојување на напорите за враќање на јавната доверба во институцијата.

- Многу добро ја знам вашата посветеност и одговорност, секојдневната ревносност и вербата во правда со која ја извршувате функцијата. Време е таа слика да ја видат и граѓаните. Преку отчетно и одговорно постапување, преку објаснување на нашите одлуки пред граѓаните, преку примена на етичките стандарди на нашата професија, сметам дека ќе ја увериме јавноста во доследноста на нашите постапки и во ефикасноста на системот на правда. Постои една изрека која вели – „Довербата се заслужува кога делата се совпаѓаат со зборовите“. Затоа сметам дека наместо да зборуваме за нашата посветеност, најдобро е тоа да го покажеме со нашето постапување во предметите, вели Јовески во обраќањето.

Тој напоменува неколку приоритетни задачи и тоа, ефикасност и подвлекува дека роковите за постапување мора да се почитуваат и да нема неоправдано одолговлекување на постапките. Граѓаните од нас, посочува, очекуваат правда во разумен рок.

- Отпорност кон притисоци и влијанија. Ја имате мојата целосна поддршка да носите самостојни и сигурни одлуки. Не дозволувајте никој и ништо да влијае врз вашето постапување и да го компромитира вашиот личен интегритет како јавни обвинители. Транспарентност. Одлуките кои ги носиме мора да станат видливи за граѓаните. Правдата треба и да ја видат и да ја почувствуваат. Не се плашете од јавниот суд, бидејќи само тој е вистински коректор на нашата работа, се наведува во соопштението од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески.

Веројатно еден од најголемите предизвици за нашата институција во следниот период, смета тој, ќе биде преговарачкиот процес со ЕУ. Од реализацијата на реформите во поглавјата кои директно ја засегаат работата на правосудството ќе зависи севкупниот напредок на земјата на патот кон Унијата.

- Да се заложиме максимално и да ги исполниме сите задачи што се очекуваат од нас, бидејќи тоа е еден од клучните критериуми според кои ќе ни го вреднуваат напредокот. Затоа истите пораки би ги упатил и до јавнообвинителската служба, која исто така е важен дел од нашата организација и без чиј придонес исполнувањето на овие задачи би бил невозможен, повика Јовески.

Потсетува дека е потпишан Договор за соработка со Европското јавно обвинителство. Секојдневно, вели, ја јакнеме соработката со домашни и странски институции во сферата на нашето постапување. Ова исто така, верувам, ќе придонесе за реализација на приоритетите кои си ги поставуваме.

- Сите добронамерни критики за нашата работа ги прифаќаме и активно работиме на подобрување во сегментите каде се детектираат одредени слабости, вклучително и на оние што ги детектираше американскиот Стејт департмент во Годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот во 2022 година. Но, задоволен сум што во овој извештај не се адресираат крупни директни критики за работата на Јавното обвинителство. Уште повеќе, извештајот го споменува токму она што ние долго време го нагласуваме, а тоа се недоволните финансиски средства и кадровски ресурси кои се доделуваат на Јавното обвинителство. Ова покажува дека американскиот Стејт департмент навистина активно ги следи состојбите во обвинителството, покажува доверба во нашето постапување и се обидува да влијае за подобрување на состојбите и на условите за работа, подвлекува во обраќањето Јавниот обвинител Љубомир Јовески по повод Денот на правосудството.

Според него, чесно е да се признае дека и покрај ваквите позитивни сигнали, сигурно можевме и можеме повеќе.

- Не можам да не изразам незадоволство со одредени судски одлуки кои овозможија застарување на предмети за чиј исход јавноста беше заинтересирана. Одредени постапки, пак, не се застарени, но и покрај ажурноста на обвинителското постапување, се уште не ја добиваат потребната судска динамика и немаат разрешница. Свесен сум дека јавнообвинителската работа е тешка и одговорна. Но, во исто време таа е предизвик - да се испорача правда и да се заштити општеството од криминалот. Да се обидеме сите, преку сопствениот личен пример, да влијаеме и врз генерациите јавни обвинители што доаѓаат да ја остварат оваа благородна мисија, истакнува Јовески, честитајќи им го Денот на правосудството на јавните обвинители. цр/аа/

Фото:МИА

Остани поврзан