• четврток, 26 декември 2024

Обвинителот Пеливанов избран за времена замена на Русковска

Обвинителот Пеливанов избран за времена замена на Русковска
Скопје, 29 август 2022 (МИА) - На шеесет и четвртата седница на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија што се одржа денеска, Советот го назначи обвинителот Трајче Пеливанов како времена замена на досегашната шефица на Јавното обвинителство, Вилма Русковска. Како што информираа од Советот за МИА, Пеливанов е назначен бидејќи во постапката која се води, а поради која Русковска е времено оддалечена од својата функција, не може да ја врши својата функција, и, како што посочуваат, бидејќи се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да биде без раководител. - Назначивме бидејќи во постапката која се води, оддалечувањето, бидејќи сегашната шефица Вилма Русковска не може да ја врши функцијата, не е таму физички, од друга страна, првата заменичка исто така е вклучена во кривичната постапка и во дисциплинската, така што мораше да се назначи лице кое ќе раководи додека е оддалечена обвинителката, додека трае оддалечувањето. Сепак се работи за обвинителство каде што имаме сериозен организиран криминал и не треба да стои без команда, без некој таму да раководи, информираше претседателот на Советот, Антонио Јолевски. Како што образложи, доколку Русковска се врати на работа тогаш, таа ќе се врати на својата функција, а доколку тоа не се случи до истекот на нејзиниот мандат во ноември, тогаш ќе биде назначен некој од новоизбраните обвинители. - Ова се определува само како времена замена, не е вршител на должноста, тој е определен колку во меѓувреме да може да прима пошта, да потпишува, плата да може да подигне, не е како  класичен вршител на должноста, а ова е законски регулирано во член 9 за Совет на јавни обвинители, појасни претседателот. Републичкиот јавен обвинител, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесената пријава од Арафат Муареми за претресот на 18 јули во Управата за финансиска полиција. Советот на Јавни обвинители, минатата недела ја одби жалбата на Русковска како неоснована, и ја потврди нејзината суспензија од функцијата. ар/аа/

Остани поврзан