• среда, 25 декември 2024

Обвинителот на МКС и се заблагодари на Амал Клуни

Обвинителот на МКС и се заблагодари на Амал Клуни

Хаг, 20 мај 2024 (МИА) - Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Карим Кан, денеска, објавувајќи го барањето за издавање налози за апсење на израелските и лидерите на палестински Хамас, особено и се заблагодари на Амал Клуни. Кан рече дека Клуни, адвокатка за човекови права позната по тоа што водела случаи од висок профил низ светот, била специјален советник во неговата истрага.

Во изјавата објавена од нејзината Фондација за правда Клуни, адвокатката објасни како дошло до тоа да се инволвира во случајот.

Таа изјави дека пред четири месеци обвинителот на МКС побарал од неа да му помогне да ги процени доказите за сомнителни воени злосторства и злосторства против човештвото во Израел и Газа и дека се согласила да се приклучи на комисијата од меѓународни правни експерти.

Панелот и неговите советници се експерти за меѓународно право, вклучувајќи го меѓународното хуманитарно право и меѓународното кривично право, се вели во соопштението.

Двајца од членовите на комисијата беа назначени од обвинителот на МКС за „специјални советници“, а двајца од членовите на комисијата се поранешни судии во Хашките кривични трибунали.

„Едногласно одлучивме дека судот има јурисдикција за злосторствата извршени во Палестина и од страна на палестински граѓани. Едногласно заклучивме дека има разумни основи да веруваме дека водачите на Хамас Јахја Синвар, Мухамед Деиф и Исмаил Ханије извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и земање заложници, убиства и злосторства на сексуално насилство“, се вели во соопштението.

Во соопштението, исто така, се вели дека постојат разумни основи дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант извршиле воени злосторства и злосторства против човештвото, вклучително и изгладнување како метод на војување, убиства, прогон и истребување.

Клуни објасни и зошто ја прифатила поканата на судот да биде советник во случајот. „Служев во тој панел затоа што верувам во владеењето на правото и потребата да се заштитат животите на цивилите. Законот што ги штити цивилите во војна е донесен пред повеќе од 100 години и важи за секоја земја во светот без оглед на причините. За конфликтот, како адвокат за човекови права, никогаш нема да прифатам дека животот на едно дете е помалку вреден од животот на друго. Не прифаќам дека каков било конфликт треба да биде надвор од дофатот на законот, ниту дека кој било сторител треба да биде над законот“, напиша Амал Клуни, додавајќи дека го поддржува историскиот чекор на обвинителот на МКС да ја донесе „правдата за жртвите на злосторствата во Израел и Палестина“. ссм/

фото: Инстаграм Амал Клуни

Остани поврзан