• сабота, 13 декември 2025

Обвинителката на судењето на Златна зора: Не е политичка партија, туку криминална организација

Обвинителката на судењето на Златна зора: Не е политичка партија, туку криминална организација

Атина, 12 декември 2025 (МИА) – Оцената, како и првостепената пресуда дека Златна зора не е политичка партија, туку криминална организација, ги потврди и детално образложи обвинителката Кирјаки Стефанату за време на денешното рочиште со што започна излагањето на обвинителката за нејзините предлози за казните на сите 42 обвинети лица во судскиот процес за Златна зора што е во тек на втор степен по жалбата од осудените поднесена против првостепената пресуда, јави дописничката на МИА од Атина.

Обвинителката во повеќечасовното излагање, за да ги поткрепи тврдењата и ставовите се повика на говори и изјави како на лидерот, така и на членови на Златна зора.

Посочи дека од основањето во 80-те години како мала група предводена од Никос Михалољакос, Златна зора подоцна се разви во политичка формација по примерот на национал-социјалистичката партија, но и дека сите активности низ годините му биле познати и одобрени од раководството.

-Одговорот го дава самиот Михалољакос: „Не сме нескротлива група, ние сме армија. Од армијата што ја имаме денес, ние сме подобри“, посочи обвинителката.

Рочиштето, кое поради истекот на времето беше прекинато, ќе продолжи в понеделник и обвинителката ќе го соопшти нејзиниот предлог во однос на тоа дали се виновни или не обвинетите во случајот Златна зора.

На почетокот на денешното рочиште пред Апелациониот суд во Атина се одржа и мирен антифашистички протест. 

Златна зора во октомври 2020 година, со судска одлука беше прогласена за криминална организација, а лидерот, поранешните пратеници, како и членови на партијата беа осудени на затворски казни, во судскиот процес што траеше пет години и беше еден од најголемите и историски процеси во Грција.

Лидерот Михалољакос и пет поранешни пратеници добија 13 и пол години затворска казна за формирање криминална организација.

Во јуни 2022 година, седум години по почетокот и 20 месеци по завршувањето на процесот, судењето започна одново по жалбата од осудените поднесена против пресудата донесена во прв степен и веќе три години е во тек.

Второстепената пресуда, веројатно ќе биде соопштена на почетокот на 2026 година.

Златна зора во периодот од 2012 до 2019 година беше дел од грчкиот Парламент. ср/јт/

Фото: МИА

Остани поврзан