• сабота, 28 декември 2024

Обвинителите бараат максимална казна за сопругот во случајот за силување на Жизел Пелико

Обвинителите бараат максимална казна за сопругот во случајот за силување на Жизел Пелико

Авињон, 25 ноември 2024 (МИА) – Обвинителите во судскиот процес за повеќегодишното силување на Французинката Жизел Пелико кое го овозможувал нејзиниот тогашен сопруг, денеска побараа од судскиот совет да изрече максимална казна за тешко силување во траење од 20 години затвор.

По сослушувањата што траеја речиси три месеци во францускиот град Авињон, судењето на 51 обвинет за речиси десет години бројни силувања за време на кои Пелико била дрогирана и во несвест.

Поради храброста што ја покажа за време на болниот судски процес, 71-годишната Жизел Пелико стана симбол за борците против сексуалното насилство, дури и надвор од Франција.

Судењето денеска влезе во нова фаза – обвинителите почнаа да ги објавуваат казните што ги бараат за десетици обвинети мажи, а се фокусираа на Доминик Пелико, со кој Жизел била во брак речиси 50 години, сметајќи дека е грижлив сопруг.

Доминик Пелико признал дека со години тајно ставал седативи во храната и пијалокот на неговата сопруга за тој и десетици непознати лица кои ги нашол на интернет да можат да ја силуваат.

Обвинителката Лоре Шабо побара од судскиот совет да го осуди поранешниот сопруг на Жизел Пелико на 20 години затвор.

Доминик Пелико, кој оваа недела наполни 72 години, гледал во подот за време на излагањето на обвинителката.

- Дваесет години меѓу четири затворски ѕидови. Тоа е и многу и недоволно, рече обвинителката Шабо.

Се очекува судот да ги донесе пресудите до 20 декември.

Жизел Пелико побарала во судницата да бидат прикажани фотографиите од силувањата што ги направил нејзиниот сопруг, на кои се гледа дека таа била во несвест.

Обвинителот Жан-Франсоа Маје ја пофали храброста на Жизел Пелико, посочувајќи дека денеска е Меѓународен ден против насилството врз жените, но дека француското општество „има долг пат за да го промени своето гледиште за културата на силување“.

Жизел Пелико седеше тивко, понекогаш зјапајќи во таванот, додека обвинителите опишуваа како Доминик Пелико направил и внимателно подредувал 20.000 фотографии и видеа од злоставувањата.

Доказите што ги ставил на хард дискови, мемориски картички и телефони им овозможиле на истражителите да откријат десетици мажи регрутирани од Доминик Пелико за да ја силуваат неговата тогашна сопруга, но околу 20 сторители останале неидентификувани.

Граѓаните пред Судот денеска ги исвиркаа обвинетите при влегувањето во судницата извикувајќи „Ве препознаваме“! и „Срамота!“. Од другата страна на улицата од судот, активистите закачија транспаренти со натписи „20 години за секој од нив“ и „Силувањето е силување“, додека Жизел Пелико беше поздравена со овации и аплаузи. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан