• среда, 25 декември 2024

НФФ: Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година е одлично решение

НФФ: Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година е одлично решение

Скопје, 30 октомври 2023 (МИА) - Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година е одлично решение што овозможува земјоделките да добиваат паричен надоместок за време на мајчинство за период од 9 месеци. Тоа е голем успех за земјоделките и земјоделците, кои навистина ја заслужуваат оваа поддршка, велат од Националната федерација на фармери (НФФ).

Преку оваа програма, како што појаснуваат од НФФ, земјоделките ќе имаат право на платен надоместок во случај на спреченост на вршењето на земјоделската дејност поради раѓање. Ова право за жените земјоделки, кои не се опфатени со прописите за платено породилно отсуство од областа на работните односи, се остварува за прв пат, иако проблемот постои повеќе од три децении.

Од НФФ посочуваат дека програмата обезбедува еднократна финансиска поддршка од 81.000 денари. Оваа помош е наменета за жените кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство.

-Ова е резултат на 15-годишниот напор на Националната федерација на фармери за решавање на проблемот. Во 2022 година, преку соработката со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за труд и социјална политика, успеавме да најдеме соодветно решение преку Програмата за обезбедување на социјална сигурност за жените кои вршат земјоделска дејност. Програмата започна да се имплементира во текот на 2023 година преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, се наведува во соопштението од НФФ.

Резултатот, како што посочуваат оттаму, беше постигнат преку креирање на пилот мерка од страна на координативна група составена од сите засегнати институции, вклучувајќи ги Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделство и рурален развој, и Националната федерација на фармери. Процесот беше фасилитиран од Националната федерација на фармери, а поддржан од Шведската организација за развој We Effect.

Од НФФ велат дека Кординативната група ќе продолжи со својата работа и оваа година, со цел да ја преточи пилот Програмата во системско и трајно решение.

-Беше предизвик да се најде решение за надоместок за мајчинство за категоријата на земјоделци кои имаат статус на осигуреник според Законот за пензиско и инвалидско осигурување и плаќаат придонеси од социјално, здравствено и инвалидско осигурување каде основицата е пресметана на 20 % од просечно исплатена месечна плата по работник. Тие имаат права на здравствени услуги, но немаат право на надоместок поради боледување и породилно отсуство, бидејќи не се во работен однос, односно не добиваат месечна плата од работодавач, туку добиваат приход од вршење на земјоделска дејност кој не е месечен туку е годишен приход во зависност од продажбата на земјоделско производство. На ваков начин оваа категорија на индивидулани земјоделци не се опфатени со прописите од работен однос и во таа насока групата бараше соодветно решение за да и овие индивидуални земјоделки го остварат своето право на мајчинство, се наведува во соопштението од НФФ.

Согласно официјалната статистика на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој бројот на регистрирани индивидуални земјоделци согласно Законот за пензиско и инвалиско осигурување изнесува 4.291, од кои 1.255 се земјоделки.

-Тука би сакале да напоменеме дека земјоделците кои се регистрирани согласно Законот за вршење на земјоделска дејност се трговци поединци кои целосно ги подмируваат придонесите од здравствено и социјално осигурување, имаат статус на вработено лице и имаат право на надоместок на плата за време на спреченост за работа поради болест и повреда и за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство, како и сите права утврдени согласно прописите на работните односи, се додава во соопштението.

Со цел да ги поддржат интересите и остварување на правата на земјоделките и земјоделците, од НФФ укажуваат дека популистичките мерки не се решение и дека треба да се користат добро направени анализи, конструктивни дијалози и соработки за креирање на конкретни и применливи решенија.

-Не треба да се занимаваме со политички маркетинг кој не ги задоволува интересите на граѓаните. Соработката помеѓу невладиниот сектор и институциите е неопходна и токму таа создава конструктивни и применливи решенија. Преку една таква соработка е креирана Програмата за поддршка за социјална сигурност на жените во земјоделството за 2023 година која е во интерес на земјоделките кои имаат статус на осигуреник-индивидуален земјоделец согласно Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не можат да остварат платено породилно отсуство. Кординативната група продолжува со работа, за да ова решение прерасне од пилот мерка во системско решение кое ќе биде дел од соодветната законска регулатива, велат од НФФ. дма/са/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан