• недела, 24 ноември 2024

НУ Музеј Куманово годинава ќе реализира над 20 проекти

НУ Музеј Куманово годинава ќе реализира над 20 проекти
Куманово, 20 февруари 2023 (МИА) - НУ Музеј Куманово доби вкупно милион и шестотини илјади денари од Министерството за култура за реализирање проекти од годишната програма за тековната година, соопштија денеска надлежните од установата.
 
Меѓу проектите, поодделно одвоени се милион денари за музејска дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за реализирање 16 проекти од областа на етнологија, археологија, историја.

За ликовна уметност за реализација на пет проекти поддржани со 420.000 денари, за издавачка дејност и литература 100.000 денари за музејски гласник, за меѓународна дејност се одвоени 80.000 денари.

-Генерално задоволни сме од она што го понудивме и она што ни е одобрено од Министерството за култура како годишна програма за 2023 година, изјави директорот на НУ Музеј Куманово, Мери Николиќ.

Дел од проектите продолжуваат, некои се нови, појаснуваат од Музејот. Вкупно одобрени се 23 проекти. Меѓу одобрените проекти е продолжување на минатогодишните археолошки истражувања на двата локалитети „Градиште“ Младо Нагоричане и локалитет во село Пчиња.

Во текот на годината ќе се работи на истражување од областа на етнологија, конзаервација на музејски материјал, теренски евиденции во служба на заштита на локалитетите и ќе има едукативни работилници наменети за помладата публика како и историски истражувања. И летово ќе се одржи ликовната колонија „Куманово 2023“, изложбите од претходна колонија, на кумановските ликовни уметници.

Во текот на годината Музејот, спомен куќата на Христијан Тодоровски Карпош, останува отворен за посетителите во работно време, а секој последен четврток во месецот е бесплатен за студенти и ученици. Меморијалниот центар Пелинце и Кокино работат од вторник до сабота и заинтересираните посетители можат да си закажат водич. ам/цр/

Остани поврзан