• среда, 25 декември 2024

Нуредини: Енергетското прашање е регионално прашање и сакаме да бидеме дел од решението

Нуредини: Енергетското прашање е регионално прашање и сакаме да бидеме дел од решението
Делфи, 7 април 2022 (МИА) – Енергетското прашање е регионално прашање и ние сакаме да сме дел од решението, истакна министерот за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија Насер Нуредини за време на неговото учество на Делфи економскиот форум во Грција, јави дописничката на МИА од Атина. Нуредини ги потенцираше потребата за изнаоѓање заеднички решенија, но и важноста на заедничките инвестиции со соседите, а како пример ги спомена и интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција, изразувајќи надеж дека во јуни ќе започне постапката за тендерирање и инвестицијата на нашата земја во пристаништето на Александруполи. За енергетската криза истакна дека премногу сме зависни од еден извор и потребна е диверзификација, а за земјите од регионот, Северна Македонија, Грција, Бугарија и покрај тоа што имаат своја политика, потребна е и регионална енергетска стратегија „за ако во иднина се случи истото да бидеме заштитени“. Освен за енергетското прашање, министерот рече дека и за зелената агенда, Северна Македонија е подготвена да биде дел од решението. Објасни дека иако станува збор за мала земја, сепак е посветена на Договорот за климата од Париз, амбициозна е и посветена на зелената агенда, со конкретни цели и стратегии. Посочи дека иако сѐ уште чукаме на вратата на ЕУ за почеток на преговори, целта е до 2050 како земја членка да бидеме дел од решението за постигнување на карбон неутралност. Министерот Нуредини во дискусијата со директорот на грчкиот Институт за одржлив развој Спирос Кувелос се осврна и на управувањето на водите, посочувајќи го Преспанското Езеро кое континуирано го губи нивото на водата, како пример каде што е потребна соработка меѓу соседите, бидејќи влијае и врз Грција и врз Албанија и врз Северна Македонија, а „Договорот од Преспа го отвори патот за дополнителни можности“. Паралелно говореше и за управувањето со отпадот, за кое рече дека може да има соработка меѓу јавниот и приватниот сектор, а се осврна и на проблемот со загадувањето на воздухот. ср/вг/  Фото: МИА

Остани поврзан