НУБ „Св. Климент Охридски“ со научна средба ќе го одбележи патронатот
- Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска ќе го одбележи патрониот празник кој годинава е во знакот на 80-годишнината на основањето на Библиотеката. Во рамки на чествувањето ќе се одржи и 11-та научна средба на тема: „Силината на словото на свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“.
Скопје, 6 декември 2024 (МИА) - Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје денеска ќе го одбележи патрониот празник кој годинава е во знакот на 80-годишнината на основањето на Библиотеката. Во рамки на чествувањето ќе се одржи и 11-та научна средба на тема: „Силината на словото на свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“.
Прославата ќе почне со положување цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски и ќе продолжи во холот на библиотеката со хорска изведба и поздравно обраќање на директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски.
Во рамки на свеченоста ќе биде промовирана „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ од 1944 до 2024“, подготвена по повод 80-годишниот јубилеј на институцијата, како и осврт на нејзината осумдецениска издавачка продукција.
Првиот дел од свеченоста ќе заврши со доделување на традиционалните јубилејни награди за вработените во Библиотеката и за пензионираните работници во текот на 2024 година, а потоа ќе се одржи 11-тата научна средба.
Координатор и модератор на возобновената научна средба ќе биде проф. д-р Митко Б. Панов, а со излагања ќе учествуваат проф. д-р Елизабета Димитрова, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Илија Велев и академик Ѓорѓи Поп Атанасов.
НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје е формирана на 23 ноември 1944 со одлука на АСНОМ. хс/мд/
Фото: Национална и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје