• сабота, 23 ноември 2024

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

НСПВ: Министерството за одбрана ја сопре членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување

Скопје, 3 февруари 2024 (МИА) - Независниот синдикат на професионални војници, денеска информираше дека Министерството за одбрана ја има сопрено уплатата на членарината на синдикатот и на тој начин го оневозможува синдикалното делување и организирање.

Претседателот на Независниот синдикат на професионални војници, Александар Насковски, вели со оваа постапка се прекршува колективниот договор на Министерството за одбрана, Законот за работни односи и Конвенциите потпишани од државата со Меѓународната организација на трудот.

– Министерката за одбрана јавно изјави дека членарината е сопрена од страна на службите т.е. секторот за финансии во Министерството за одбрана, но не кажа дека токму тие намерно се ставени во заблуда со незаконските постапки на 7 лица вработени во Министерство за одбрана, кои направија фалсификат и лажно се претставуваат и за кои синдикатот поднесе кривична пријава до Основото јавно обвинителство. Затоа апелираме до Основото јавно обвинителство - Скопје брзо да реагира и да се разгледа кривичната пријава против овие лица кои направиа хаос во Министерството за одбрана, рече Насковски.

Посочи дека зголемено е незадоволство кај професионалните војници, поради како што рече, недостигот на социјален дијалог со работодавецот за решавање на статусот на професионалните војници и игнорирањето на нивните барања. 

Главно барање на синдикатот, вели Насковски, е измена и дополнување на законот за служба со цел професионалните војници да имаат можност за пензионирање по принципот на некои НАТО земји, каде што професионалните војници се пензионираат и на 45 години, како и барањето за трансформирање на работниот однос на неопределено време, бидејќи како што рече, професионалните војници продолжуваат договори на определено време цели 25 години.

– Ако нема решение за овие наши барања и одблокирање на синдикатот, во наредниот период професионалните војници ќе излезат на протест пред владата на Република Македонија. По испраќањето на поканата за денешниот прес добивме покана од министерката за состанок во вторник во 10 часот, од исходот на средбата ќе зависат следите чекори на синдикатот и медиумите ке бидат благовремено известени за се што е договорено, рече Насковски. ра/са/

Фото: МИ архива

Остани поврзан