• четврток, 19 декември 2024

НСЕИ: Собранието има клучна улога во европските реформи и одредување на правецот на земјата

НСЕИ: Собранието има клучна улога во европските реформи и одредување на правецот на земјата

Скопје, 11 јули 2023 (МИА) -Улогата на Собранието како законодавен дом е клучна во носењето на законски решенија кои се неопходни за реализација на европските рефроми, но и во политичка одговорност за насоката на движење на земјата за постигнување на стратешката цел - членство во ЕУ. Ова, меѓу другото, беше истакнато на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и на собраниската Комисија за европски прашања на која амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава Хозе Луис Лозано Гарсија ги претстави програмата и приоритетите на шпанското претседателство со Советот на ЕУ за втората половина од годинава.

Во своето излагање евроамбасадорот Дејвид Гир се осврна на забелешките во делот на реформите во правосудството и владеењето на правото.

-Во многу клучни области реформите кои што се поддржани од страна на ЕУ и други донатори, не напредуваат како што требаше и во некои случаи има и негативен развој на настани кои не очекувавме да ги видиме од земја која започна преговори за пристапување во ЕУ. Овој законодавен дом има голема улога која може да ја одигра со тоа што ќе го одблокира носењето на клучни закони и ќе го обезбеди соодветното функционирање на други важни институции, порача Гир во обраќањето.

Тој посочи дека Владата се уште треба да разработи и усвои нова стратегија за судска реформа за периодот 2023-2027 година која ќе се осврне на недостатоците во имплеменатцијата на соодветните закони од кои, вели, некои испливаа на површината со неодамнешните настани во Судскиот совет. ЕК како што е најавено, потсети тој, за таа цел ќе испрати висока оценка мисија за да го подобри функционирањето и оформувањето на Судскиот совет и да ја подобри неговата ефикасност и професионалнот. 

Евроамбасадорот Гир се наврати и на нацрт уставните измени кои што треба наскоро да дојдат во Парламентот, а што рече, е суверена одлука за оваа земја, чие усвојување, ќе биде важен чекор кој автоматски и без натамошно одложување и вето, ќе води до одржување на втората меѓувладина конференција - клучен момент на патот на земјата кон членство во ЕУ.

-Важно е да се има отворена дебата за ова прашање, да се фокусирате што е во залог и да не се разговара за стравовите од минатото и анксиозноста за иднината. Ги поттикнувам пратениците и овој дом да дејствуваат со политичка одговорност и да ги стават националните интереси на прво место, како што тие ги гледаат, за да ја обезбедат насоката на оваа земја во ова клучно време и проценувајќи ги можностите кои се пред нив и ризиците од задоцнувањето. Живееме во време на огромна несигурност и огромни предизвици, понекогаш и егзистенцијални, рече евроамбасадорот Гир.

Пратениците од мнозинството и опозицијата го позравија ангажманот на Шпанија за промоција и унапредување на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, едногласни дека земјата треба да ги исполни Копенхашките приоритети и дека не треба да се поставуваат дополнителни непринципиелни барања од соседна Бугарија, но со различно гледање за одговорноста за состојбите во судството, и за уставните измени.

Претседателот на Комисијата за надворешни работи Арбр Адеми во своето излагање во контекст на промената на Уставот, рече дека е јасно дека тоа е условот за одржување на втората меѓувладина конференција и продолжување на европскиот пат, но и дека тоа не е најтешкиот компромис со кој се соочила земјата, набројувајќи ги потпишувањето на Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, како и прифаќањето на преговарачката рамка.

-Дали е ова најтешкото прашање со кое се соочува нашата држава? Нашата држава и претходно направи компромиси кои беа неправедни. Но ова е реалноста, ние се наоѓаме пред прашање дали треба да се стави во опасност европската перспектива? Мислам дека тоа не треба да се направи... Денес се соочуваме со едно друго прашање кое не е од тие најтешки прашања со кои се соочува државава. Овде сме заедно, како што сме ги надминале сите предизвици заедно да го надминеме и овој. Да ги усвоиме уставните измени. Треба да размислуваме за идните генерации, а не за идните избори, рече Адеми повикувајќи на рационалност и на безбедна европска иднина.

Пратеникот Љупчо Пренџов кој е дел од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека најниската оценка од ЕК за државава за напредок во делот на реформите е за 2022 година. Опозицијата, според него, е конструктивна во носење на реформските закони, а одговорноста за нивното неспроведување е на Владата. Тој го повтори ставот на опозицијата за уставните измени, дека во моментов е поважно владеењето на правото.  

-Правосудството е столб во општеството, а ние имаме скршен столб и тоа најдобро може да се погледне во Советот на јавни обвинители и Судскиот совет и тука како пратеници треба да преземеме целосна одговорност, бидејќи оние луѓе таму некој ги гласал овдека... Ние како опозиција ќе продолжиме да го даваме својот придонес за евроинтеграцијата на Република Македонија, бидејќи нас како опозиција ЕУ не ни служи како параван за покривање неспособност туку значи многу работа, проекти и видливи резултати за граѓаните.  На Република Македонија и треба нова влада, нова надеж оти граѓаните се изморени од овие искривени вредности кои ни се случуваат секојдневно, рече Пренџов.

Пратеникот Дарко Каевски од СДСМ, пак посочи дека во Извештајот за 2022 година уште еднаш ЕК не поддржала во нашите европсоки реформи и јасно нотирала дека сме покажале посветеност во спроведување на предвидената агенда, а во моментов најголем императив е продолжување на европската агенда и консензус за усвојување на уставните амандмани.

-Потребна ни е поддршка како што имавме и досега да ја имаме и во иднина, да нема нови  непринципиелни пречки од Бугарија и сите да бидеме потсетник на европските вредности кои мора да ја красат секоја сегашна и идна членка на ЕУ. Но потребно е и обединување дома, да имаме консензус за прашања поврзани со нашите европски аспирации да го оставиме дневното политиканство и да гласаме за обврските кои ги имаме. Тоа им го должиме на следните генерации, оваа генерација на политичари ја има таа шанса но и привилегија да направи многу за државата. Апелирам до опозицијата да го поддржи процесот и да ги стави на страна сите дневни политиканства и лоши дејанија кои и штетат на државата за европскиот пат, рече Каевски.

Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ осврнувајќи се на забелешките во однос на правосудството и конкретно на блокадата на изборот на двајца нови членови во Уставниот суд, порача дека се додека во Парламентот доаѓаат кандидати на кои, вели, не им е местото ни во Основен суд, а камоли во Уставен суд, ние ќе имаме проблем и оти опозицијата ќе поддржи кандидати ако доаѓаат од редот на професори и врвни правници. 

-Не треба да чекаме повторно оценска мисија која доаѓа, да испитаме овде бидејќи нашите кандидати се најлошите во Судскиот совет, нашите кандидати се најлошите во Советот на јавни обвинители, нашите кандидати во регулатирните тела и сл. Ако не го смениме тоа, ако не го имаме примерот на Антикорупциска и на Комисијата за антидискриминација, при начинот на изборот, ние постојано ќе ги повторуваме истите приказни... Се надеваам дека кога сме до ѕидот на срамот ќе преземеме нешто, сами прво овде, ние, бидејќи голема одговорност имаме овде, подвлече Силјановска.    

Амбасадорот Гарсија во своето обраќање нагласи дека ова е петто шпанско претседавање со Унијата од нејзиното членство. Ги наведе четирите приотитети на Мадрид - реиндустријализација на ЕУ, унапредување на зелената транзиција и адаптација на животната средина, промовирање на поголема социјална и економска правда и зајакнување на европското единство во чии рамки, рече ќе биде адресирано и проширувањето на ЕУ.

-Шпанија дава големо значење на проширувањето и ќе продолжиме да работиме во овој поглед во текот на претседателството според принципот на заслуга. За Северна Македонија отворањето на пристапните преговори во јули, минатата година беше најважен чекор. Има други важни очекувања во текот на овој сместар. Во тој контекст ја потврдуваме поддршката на Шпанија за пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, рече амбасадорот Гарсија и го најави одржувањето на министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи кој ќе се одржи во Скопје на 26 и 27 октомври. 

Кралството Шпанија на 1 јули ја презеде палката со претседателство на ЕУ од Шведска, во рамки на триото заедно со Белгија и Унгарија. Тоа ќе биде последното целосно претседателство на оваа Европска комисија пред изборите за Европки парламент во јуни, наредната година. вг/лв/

фото: Принтскрин

 

Остани поврзан