• четврток, 19 декември 2024

НСДП: Не успеа обидот на ВМРО-ДПМНЕ за манипулација со граѓаните со иницијативата за референдум

НСДП: Не успеа обидот на ВМРО-ДПМНЕ за манипулација со граѓаните со иницијативата за референдум
Скопје, 14 септември 2022 НСДП се согласува со одговорот на претседателот на Собранието Талат Џафери до политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, која достави граѓанска иницијатива за референдум против Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија. НСДП уште при најавата на иницијативата оцени дека таа е спротивна на Уставот и треба да се отфрли, посебно ако се има предвид дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Јасен е обидот на ВМРО-ДПМНЕ за создавање тензии и за манипулација со граѓаните, преку доставување иницијативата за која и самите знаат дека е неуставна и дека ќе биде одбиена, затоа што ова собраниско мнозинство и претседателот на Собранието постапуваат исклучиво во согласност со Уставот, законите и собранискиот Деловник, како и во интерес на стратешките цели на нашата држава, како што се постигнатото членство во НАТО и почетокот на преговорите за полноправно членство во ЕУ. НСДП е против спроведување референдум за прашања за кои државата усвоила стратешки документи во 90 - тите години од минатиот век и целокупната државна политика и реформи во изминатите 31 година од независноста на државата се во насока на исполнување на критериумите за зачленување во ЕУ и во НАТО. НСДП смета дека вистинската намера на опозицијата е референдумот да го искористи во политички цели за проверка на нивната поддршка, а не во насока на зајакнување на државната политика на прогрес и чекорење напред, затоа што ваков референдум само може да ги охрабри радикалните сили во државата и дополнително да ги засили поделбите во општеството кои не се потребни во момент кога ги отворивме преговорите со Европската Унија и следи скринингот. Оваа иницијатива беше уште една измама на Мицкоски за спас на сопствената фотелја во белиот дворец и на бизнис интересите на неговата клика. Иницијативата на Мицкоски е директно насочена кон попречување на патот кон ЕУ, против македонскиот јазик во ЕУ и против заштита на македонскиот идентитет, македонската посебност. СЛУЖБА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ НА НСДП ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан