• сабота, 28 декември 2024

НР Кина донираше „паметни" табли за кавадаречките училишта 

НР Кина донираше „паметни

Кавадарци, 2 септември 2024 (МИА) - НР Кина донираше „паметни" табли за кавадаречките основни училишта, во работна посета на Кавадарци денеска беше Ксу Леи - вршител на должности од Амбасадата на Народна Република Кина во Скопје.

Градоначалникот Митко Јанчев појасни дека секое основно училиште добива по една смарт табла, станува збор за донација од 400 илјади денари. 

- Би сакал да изразам огромна благодарност до Амбасадата, Општина Кавадарци ќе продолжи и во иднина да ги негува односите со Амбасадата на Република Кина и секако со сите останати што имаат претставништва во Македонија, подвлече Јанчев. 

Во оваа прилика градоначалникот информираше дека 307 првачиња започнуваат со настава, или вкупно 4.490 ученици.  

Во изјава за медиумите, Ксу Леи рече дека задоволство е да се биде денеска во градот познат по винарството и големата репутација како носител на винскиот регион. 

- Кавадарци има добар квалитет на вина, познати во Кина, истакна тој. 

Осврнувајќи се на таблите финансирани од Амбасадата, тој нагласи дека кога едукацијата просперира, тогаш нацијата се издигнува. 

- Длабоко сум почестен што Кинеската амбасада може да придонесе, кон развојот на образованието во општината Кавадарци, подвлече Ксу Леи, кој заедно со градоначалникот, присуствуваше и на училишна приредба изведена од ученици, во основното општинско училиште ,,Димката Ангелов Габерот’’.

Благодарност до локалната самоуправа и Амбасадата, упати директорот на училиштето Ѓорѓи Ѓорчев, од името на сите директори на основни училишта во Кавадарци. свд/сст/


Фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан