• среда, 25 декември 2024

НП „Шар Планина“ и планинарските друштва потпишаа Mеморандум за соработка со цел поголема координација и унапредување на животната средина

НП „Шар Планина“ и планинарските друштва потпишаа Mеморандум за соработка со цел поголема координација и унапредување на животната средина

Тетово, 14 јуни 2024 (МИА) - Јавната установа Национален парк „Шар Планина“ денеска ги покани на потпишување Меморандум за соработка со планинарските клубови, друштва и здруженија.  Промоција на заштитата на природата, одржливиот економски потенцијал, подигање на јавната свест и свесност за убавините на Шара, планинарски патеки, еколошки акции, размена на знаење и искуства и др. се само дел од заедничките активности кои не очекуваат во иднина.

Една од најважните работи за кои ќе треба во иднина повеќе да соработуваат Националниот парк и клубовите се планинарските патеки. За тоа треба да има координација, а сите тие места за пешачење и планинарење ќе се најдат и на интернет платформа.

-Првично се договораат со нас за одредена патека, не како досега, ако му текнало на одредено здружение, па ќе почне да обележува патека затоа што им било интересно. Секако во координација со нас, што е важноста за таа патека, кој предел ќе се опфати, што ќе промовира од убавините на Шара преку таа патека, секако тоа ќе треба да биде опфатено во електронското евидентирање, изјави директорот на НП Ибрахим Дехари.

Меморандумот во иднина ќе придонесе за заедничко унапредување и развој на двете страни во областа на животната средина, како и промоција на одржливост на туристичкиот потенцијал на Шар Планина.

-За поздравување е овој чин на Националниот парк. Голема важност имаат  патеките, за движење од безбедносен аспект, но и за развој на туризмот, да знае секој посетител што и каде може да посети на таа патека. Без лиценциран планинарски водич да не се оди на планина, истакна Снежана Новаковска од ПК „Тетекс“, потписничка на Меморандумот.

Од Паркот информираат и дека преку проектот „Инвестираме во Шара“ на најмалку шест локации на територија на Шар Планина оваа година ќе се уредуваат излетничките места, ќе бидат поставени патокази, знаци, мостови, а ќе бидат поставени и привремени објекти наменети за потребите на чуварската служба и привремено засолнување од непогодни временски услови. ас/мд/

фото: МИА 

Остани поврзан