• четврток, 28 ноември 2024

Ноќниот живот во Грција се враќа во нормала, но само за вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19

Ноќниот живот во Грција се враќа во нормала, но само за вакцинираните и оние кои прележале Ковид-19
Атина, 9 октомври 2021 (МИА) – Затворените простори на угостителските објекти, кафулињата, баровите, ноќните клубови во Грција, кои примаат само вакцинирани или лица кои прележале Ковид-19, како и кината и театрите, кои ќе ја одберат оваа опција, од денеска работат регуларно, односно се укинуваат сите досегашни ограничувања, јави дописничката на МИА од Атина. Паралелно, во земјата нема повеќе да се воведуваат рестрикции на локално ниво, во црвените зони со влошена епидемиолошка состојба, како што беше случај досега, кога во одредени региони имаше полицискиот час и забраната за музика во угостителските објекти во текот на целиот ден. Црвени зони ќе постојат и понатаму, но само од информативен карактер за епидемиолошката состојба во земјата, без дополнителни мерки, а новите одлуки на грчката Влада, стапуваат во сила во сабота и ќе се ажурираат секои 15 дена. Согласно новата министерска одлука на грчката Влада, што од денеска стапува во сила, внатрешните простори на угостителските објекти, како и ноќните клубови, баровите, дискотеките и сл, без разлика дали се на отворено или затворено, кои се водат како „чисти простори“ и влез е дозволен само за вакцинирани лица или лица кои прележале Ковид-19,  ќе работат со 100 проценти исполнетост, без никакви ограничувања и во однос на музиката или во однос на тоа дали гостите мора да седат на маса или може да стојат. Досега, работеа со 85 отсто од капацитетот, беше забрането гостите да стојат, а меѓу масите имаше конкретно растојание. За летните тераси на угостителските објекти и кафулињата, мерките остануваат непроменети, односно нема никакви ограничувања за невакцинираните. Кината, театрите, просторите за концерти што се на затворено, имаат две опции: или да бидат „мешани простори“ и да работат и со невакцинирани, но со 50 отсто од капацитетот, или да бидат  „чисти простори“ и целосно исполнети. За влез потребно е да се покаже соодветен документ за Ковид-19 и документ за лична идентификација, а новите правила се во сила до 25 октомври. Од грчката полиција и Националната служба за транспарентност, во заедничкото соопштение најавуваат засилени контроли во конкретниот период. Ќе се фокусираат на проверка на сертификатите за вакцинација/ потврдите за прележан Ковид-19 како и проверки на документите за лична идентификација во затворените простори на угостителските објекти и центрите за забава. ср/ссм/

Остани поврзан