• среда, 18 декември 2024

Ноќна „Критична маса“ за поголема безбедност во сообраќајот

Ноќна „Критична маса“ за поголема безбедност во сообраќајот
Скопје, 28 јули 2021 (МИА) - Неформалното здружение за урбан велосипедизам „На точак“ ја организира 87-та Критична маса насловена „Бараме мерки за ноќните ѕверки“. Таа е посветена на безбедноста во сообраќајот и на системските промени што треба да се направат за да се заштитат поранливите категории граѓани. Рутата што ќе се вози ќе биде низ централното градско подрачје, со повеќе кругови по главните булевари. Според Здружението, на овие локации најмногу се вози небезбедно и страдаат ранливите учесници во сообраќајот, но страдаат и жителите кои се жртви и на звучното загадување предизвикано од дивото возење. Како што е најавено, учесниците ќе се соберат во 21:00 часот на плоштад „Македонија“ и ќе возат по булеварите пред ТЦ „Мавровка“, Олимпискиот базен и Црвениот крст, „Рамстор“, „Нова Македонија“, Соборниот храм, Владата, Градскиот парк, А1 Арената „Борис Трајковски“, Воената болница, ТЦ „Лептокарија“ и по „Партизански Одреди“ до Плоштадот со завршување во Паркот на Жената борец. Учесниците во 21:20-21:30 ќе застанат на булеварот „Кочо Рацин“ кај Црвениот крст за да искажат почит кон Билаљ Љамалари, кој беше прегазен на пешачкиот премин и кратко потоа го загуби својот живот. На оваа локација ќе постават бел велосипед (ghost bike) за, како што велат, потсетување за сите институции кои можат да влијаат да се намали бројот на загинатите во сообраќајот и да стигне до нула. - Ако се стремиме на нула жртви во сообраќајот треба да ги реобмислуваме и менуваме сите црвени точки каде се случуваат сообраќајни судири, информираат од Здружението „На точак“, апелирајќи присутните да не носат цвеќе или запалени свеќи, по барање на неговото семејство. Според Здружението „На точак“, сите учесници во сообраќајот мора да бидат значително повнимателни. Во ноќните часови има значително понебезбеден сообраќај, се вози со огромни брзини, под дејство на алкохол и се поминува на црвено светло.
Организаторот напоменува дека е можно рутата да биде скратена ако има неочекувани активности низ градот или во „Критичната маса“. Оваа е една од подолгите критични маси, со должина од 11,5 километри. мд/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан