• недела, 24 ноември 2024

Ночачески: Општина Дебрца го смени добавувачот на електрична енергија, решен проблемот со водоснабдувањето

Ночачески: Општина Дебрца го смени добавувачот на електрична енергија, решен проблемот со водоснабдувањето

Охрид, 17 февруари 2024 (МИА) – Советот на Општина Дебрца го прифати предлогот на градоначалникот Зоран Ногачески, општината да ги преземе пумпните станици за вода и обврската за подмирување на тековните сметки за потрошена електрична енергија за истите. 

Градоначалникот Ногачески појаснува дека на тој начин Општина Дебрца го решава проблемот со водоснабдувањето, настанат поради притисоците од досегашниот снабдувач со електрична енергија, „ЕВН Хоум“. Според Ногачески, „ЕВН Хоум“ користејќи ја монополската положба што се уште ја има на пазарот на електрична енергија и постапувајќи спротивно на член 44 од Правилата за снабдување со електрична енергија, ги исклучувал пумпните станици од електричната мрежа, оставајќи ги граѓаните, училиштата, фирмите, ПЗУ за дијализа „Невроплус” кај Охрид и меѓународниот аеродром „Св.Апостол Павле” без вода.

-И покрај од општината искажаната добра волја и преземањето на долгот од 19 милиони денари, некоректниот однос од страна на „ЕВН Хоум“ продолжи и крајно и покрај изречената времена мерка донесена од Основниот суд Охрид со која се забранува исклучување на пумпните станици, за 21 овој месец најави ново исклучување, рече Ногачески кој нагласи дека ќе нема исклучувања никогаш повеќе.

Тврдењето го поткрепи со одлуката на Советот, со која е спроведена постапка за промена на корисник и почнувајќи од 1 февруари снабдувањето со електрична енергија на пумпните станици ќе го врши „ЕДС“ АД Скопје, а сметките ќе ги плаќа општината.

-Со промената на снабдувачот во старт ги намалуваме сметките за најмалку 30 проценти. Имено, „ЕВН Хоум“ киловатот со сите давачки го наплатува 15-16 денари, а моменталната цена која ја наплатува ЕДС изнесува 9 -10 денари за киловат. Во наредниот период ќе преземеме активности за дополнителна заштеда /промена на пумпите во пумпна станица Мешеишта и поставување на фотонапонски централи за пумпните станици во село Мешеишта и село Требеништа, како и зајакнување на капацитетите на јавното претпријатие, особено во делот на комуналната дејност водоснабдување, посочи градоначалникот Ногачески, кој нагласи дека најважно е тоа што граѓаните и сите други корисници повеќе нема да бидат доведени во непријатна ситуација да останат без вода за пиење, поради неплатени сметки за електрична енергија.аб/лв/

фото/МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан