„Носталгија за корзо“, нов дом за стари лица, пензионерски спортски игри 2026, најави Герасимовски
- Дополнително, се додава во соопштението, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се Центарот се грижи за возрасните, „Итно копче“, бесплатниот превоз до здравствените установи, како и еднократната парична помош, што годинава е зголемена на 5.000 денари.
Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - „Носталгија за корзо“, изградба на дом за стари лица, пензионерски спортски игри 2026, најави денеска градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, преку соопштение до јавноста.
Како што информираа од локалната самоуправа, тој денеска присуствуваше во просториите на Здружението на пензионерите на општина Центар по повод одбележување 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачиле благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.

- Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со Здружението на пензионерите на општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо - сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на дом за стари лица - истакна Герасимовски примајќи ја благодарницата.
Дополнително, се додава во соопштението, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се Центарот се грижи за возрасните, „Итно копче“, бесплатниот превоз до здравствените установи, како и еднократната парична помош, што годинава е зголемена на 5.000 денари.
- Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата - се истакнува во соопштението. бд/са/
Фото: Општина Центар