• среда, 25 декември 2024

Норвежанецот Братен се враќа на скијањето под знамето на Бразил

Норвежанецот Братен се враќа на скијањето под знамето на Бразил

 

Салцбург, 7 март 2024 (МИА) – Поранешниот норвешки репрезентативец во алпско скијање, 23-годишниот Лукас Братен, објави дека по едногодишна пауза се враќа на натпреварувањата, но под знамето на Бразил од каде потекнува неговата мајка.

Братен во октомври лани, непосредно пред воведната трка од Светскиот куп во австриски Золден, ја шокираше јавноста со својата објава за прекин на кариерата, која произлезе од кавга со норвешката скијачка Федерација околу маркетинг права. На прес – конференција денеска во Салцбург, организирана од неговиот спонзор „Ред Бул“, Братен објави враќање на скијачките терени.

„Среќен сум што ќе го претставувам Бразил во Светскиот куп и на Олимписките игри“, рече Братен во обраќањето на португалски јазик.

Братен, кој е специјалист за техничките дисциплини, досега настапи на 69 трки во Светскиот куп, извојувајќи пет победи, а 12 пати се искачуваше на пиедесталот.

Братен дојде во кавга со норвешката Федерација откако настапи во рекламна кампања на производител на облека без дозвола од Сојузот, кој има многу рестриктивни прописи околу правата на скијачите и скијачките за користење на нивниот лик во маркетиншки цели. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан