• четврток, 26 декември 2024

Ногачески: Кампањата јас ја водам веќе четири години, сведоци на тоа се граѓаните на Дебрца

Ногачески: Кампањата јас ја водам веќе четири години, сведоци на тоа се граѓаните на Дебрца
Охрид, 10 октомври 2021 (МИА) – Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Дебрца, Зоран Ногачески, посочи на неговиот поинаков пристап кон кампањата споредбено на неговите противкандидати, соопштувајќи дека практицирал кампања секојдневно во неговиот четиригодишен мандат за што сведоци се самите жители на Дебрца. - Секогаш и секаде бев со Вас и ги слушав Вашите барања и потреби. Бев со Вас и кога ја браневме Дебрца од намерата да ја претворат во нечиј ѓубралник, бев со Вас и кога го гасневме големиот пожар кај село Велмеј, бев во полициското комбе со играчите на ФК Сатеска и граѓаните на Волино, бев на спортски и културни настани, историски и верски чествувања (за првпат организиравме и Ифтар средба за нашите сограѓани од исламска вероисповед), кога требаше да ги слушнам вашите барања, кога реализиравме проекти низ општината, кога го чистевме снегот до раните утрински саати, кога во екстремните зимски услови требаше да се посетат нашите сожители од планинските села, а општината беше најотворената институција и во неа беа примени недоброј граѓани, секој со својата мака и потреба, различни приказни, убави и помалку убави нешта. Четирите години бев со Вас, народот на Дебрца. И во арно и во лошо, вели Ногачески на неговиот официјален фејсбук-профил. Тој ги потсети граѓаните дека на локалните избори не се гласа за партија и идеологија, туку за име и презиме, а името Зоран Ногачески, не е нешто посебно и над, тоа е човек со иста животна приказна, како што вели, „тоа е само прв меѓу сите Вас, еднаквите“. Во врска со ветувањата на еден од противкандидатите во трката за градоначалничката функција за модернизација на јавниот општински превоз, Ногачески вели дека тоа континуирано го правел четири години, со поставени нови автобуски стојалишта во Белчишта, Ботун и Оздолени, а во рамките на Програмата за погранична соработка со Албанија автобуско стојалиште ќе биде поставено и во село Велмеј. - Доделивме еднократна парична помош за сите превозници за справување на последиците од ковид кризата, воведовме субвенции за превозниците кои сообраќаат на економски неисплатливи линии, при доделувањето на дозволите за линиски превоз возните редови превозниците ги усогласуваа со барањата на месното население...Не велиме дека состојбата со линискиот превоз на патници е идеална и секогаш може подобро. Заедно, со превозниците посветено и во наредниот период ќе работиме на овој план, објави кандидатот Ногачески. Уште најави дека постепено ќе се започне со воведување ЛЕД-технологија на јавно осветлување за што веќе е изработена и физибилити студија, со што ќе се добие подобро улично осветлување и поглеми заштеди во електричната енергија. аб/мс/

Остани поврзан