Нов спортски терен и детско игралиште во кривопаланечка Конопница
- Со средства од развојната програма од буџетот на Општина Крива Паланка во висина од 3.235.000 денари, изградени и уредени се нов спортски терен со вештачка трева и детско игралиште кај месноста Тополки во село Конопница, на влезот од Крива Паланка.
Крива Паланка, 3 јануари 2025 (МИА) - Со средства од развојната програма од буџетот на Општина Крива Паланка во висина од 3.235.000 денари, изградени и уредени се нов спортски терен со вештачка трева и детско игралиште кај месноста Тополки во село Конопница, на влезот од Крива Паланка.
Градоначалникот Сашко Митовски, како што стои во денешното соопштение од Општината, нагласил дека терените се своевиден новогодишен подарок за младите од ова населено место.
-Продолжуваме со инвестициите во нови можности за правилен развој на младите генерации, за среќно детство на најмладите. Денов го започнавме со нова, убава, вест за младите од Конопница: од денес имаат ново детско урбано катче за безгрижни денови на најмладите, со современи реквизити и урбана опрема и нов фудбалски терен со вештачка трева, за спорт и рекреација, за здрава младина, проект реализиран со средства од Развојната програма на Општина Крива Паланка, рекол Митовски.
На оваа локација изградени се фудбалски терен со површина од 924 метри квадратни, во вредност од 2.100.000 денари и детско игралиште со површина 150 метри квадратни, опремено со модерни реквизити, во вкупна вредност од 1.135.000 денари.
Митовски порачал дека младите се секогаш во фокусот на работата на локалната самоуправа, а така ќе биде и во годинава што започна.
За 2025 година, рече, планирана е изградба и уредување на осум нови детски урбани катчиња на повеќе локации во градот. ид/цр
Фото: Општина Крива Паланка