• недела, 24 ноември 2024

Нов случај на заразен здравствен работник во штипската Клиничка болница

Нов случај на заразен здравствен работник во штипската Клиничка болница
Штип, 17 јуни 2020 (МИА) - Медицинска сестра од одделот за неонталогија при Одделението за детски болести во Клиничка болница во Штип е еден од позитивните случаи во денешниот здравствен билтен. Директорот на Клиничка болница Штип, Ален Ѓеорѓијев на денешната прес-конференција рече дека сестрата по дежурството во недела наредниот ден се пожалила на малаксаност и имала симптоми на коронаинфекција, веднаш е тестирана, а по потврдувањето на нејзиниот случај во самоизолација оди цела смена на овој оддел, двајца лекари, две медицински сестри, еден болничар и една хигиеничарка. Во тој момент на одделот имало и седум родилки од Штип, Радовиш, Македонска Каменица и Пехчево. -Сите седум родилки се контактирани и дадени се препораки од страна на епидемиолозите и тие ќе постапуваат по нив, додаде Ѓеорѓијев. Тој забележа дека уште не се знае како медицинската сестрата се заразила, бидејќи по разговор со инфектологот не можела да каже како се инфецирала со вирусот. По овој случај на одделот е извршена комплетна дезинфекција, а на претпладневниот состанок со раководителите на одделенијата во болницата е повторено да се заштитуваат здравствените работници додека се на работа, но и надвор од болницата. Ѓеорѓијев додаде дека од почетокот на пандемијата, па досега од штипската Клиничка болница вкупно десет здравствени работници се заразиле со коронавирусот. Додека 40 здравствени работници од почетокот на пандемијата ги користат владините мерки да не доаѓаат на работа по основ на хронични болести, бременост или чување на деца под 10 години. Оваа бројка е всушност 10 проценти од вработениот здравствен персонал во болницата. -Тоа се секако потешкотии со кои се среќаваме, но верувам дека како и досега успешно ќе најдеме начин да ја пребродиме оваа криза и да ја вршиме работата. Во самоизолација сега заминува цела смена, која била 24 часа. работата на одделите е така организирана да е што помалу вработени бидат во исто време во иста смена. Токму тоа е и целта поради вакви ситуации, па сега другите две-три екипи што ги имаме ќе настапат на нивното место и тоа е еден од начините да се заштитиме за масовна инфекција на здарвствените работници, истакна Ѓеорѓијев. На Инфективното одделение во моментов се лекуваат 19 пациенти позитивни на Ковид-19, а двајца се сомнителни и за нив се чекаат резултати од тестирањето. На ова одделение на помош доаѓа и инфектолог од Струмица.вдј/бт/

Остани поврзан