• четврток, 26 декември 2024

Нов протест на Иницијативата „Култура или фис-култура?“ против назначувањето директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица

Нов протест на Иницијативата „Култура или фис-култура?“ против назначувањето директор на НУЦК „Антон Панов“ во Струмица
Струмица, 18 мај 2021 (МИА) - Актери од струмичкиот театар „Антон Панов“, организирани во Иницијативата „Култура или фис-култура?“, денеска на кружен тек во центарот на Струмица одржа уште еден уметничко-протестен перформанс против решението на Министерството за култура за назначување на Васил Бубев за директор на НУЦК „Антон Панов“-Струмица и за, како што велат, игнорантскиот однос на институциите. Како што рекоа, веќе четири месеци воделе битка со ветерници, а ресорното министерство прво им создало проблем, а потоа се прогласило за ненадлежно за решавање. -На 26 февруари поднесовме претставка до Државната комисија за спречување на корупција, за која до ден денес немаме разрешница. Затоа, упатуваме прашање до претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска: во која фаза се наоѓа нашата претставка и кога ќе има финален став? Истото прашање го упатуваме и до претседателот на Управниот суд, судијата Бурим Сејдини, како и до Основното јавно обвинителство во Струмица, по повод нашата пријава во која се сомневаме дека сегашниот директор ја злоупотребил својата службена должност и овластување, рече актерот Бранко Бенинов. Инаку, досега Иницијативата „Култура или фис-култура?“ протестираше во повеќе наврати пред ресорното министерство во Скопје, како и во Струмица против именувањето на директорот на НУЦК „Антон Панов“. рт/мд/

Остани поврзан