• петок, 27 декември 2024

Нов пакет социјални мерки од Општина Кисела Вода - „Грижа и сигурност за секое дете”

Нов пакет социјални мерки од Општина Кисела Вода - „Грижа и сигурност за секое дете”

Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Со пакет социјални мерки, Општина Кисела Вода ќе им помага на своите жители полесно да ја пребродат економската криза. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ги потпиша меморандумите со повеќе компании кои функционираат на територија на општината и со тоа официјално го отвори проектот насловен „Грижа и сигурност за секое дете”. Иако започнува во неделата посветена на детето, овој проект ќе трае во текот на целата година и вклучува повеќе мерки за помош на децата од социјален ризик и децата со еден родител, информираат од Општина Кисела Вода.

Денеска потпишаните Меморандуми за соработка, на повеќе од 50 социјално загрозени дечиња од прво до деветто одделение ќе им овозможат бесплатни курсеви за странски јазици, информатика и спорт.

Дополнително, „Грижа и сигурност за секое дете” овозможува ослободување од партиципација за трошоците за згрижување во јавните детски градинки на евидентираните дечиња од социјален ризик, за што ќе се искористат средства од Буџетот на општината.

Третата мерка опфаќа субвенционирање на дел од цената за месечниот оброк за ученици од социјално ранливите категории од прво до трето одделение во основните општински училишта.

-Сакам да ви се заблагодарам на сите тука присутни компании кои ја покажавте својата општествена одговорност и станавте партнер на Општина Кисела Вода во настојувањето да се помогне на посиромашните семејства кои се најпогодени во овој тежок, кризен период. Како локална самоуправа прездовме низа мерки со кои сакаме да им излеземе во пресрет и да им овозможиме некаква сигурност и ублажување на сиромаштијата со која живеат се поголем број на семејства во Македонија. Симболично, во неделата посветена на детето, го започнуваме и денешниот проект, “Грижа и сигурност за секое дете”, во кои заедно со вас, овозожуваме еднакви услови за искористување потенцијалот на сите деца, без разлика на нивната финансика положба, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потсети и на останатите социјални мерки кои Општина Кисела Вода досега ги спроведе: обезбедената донација за субвенционирање на сметките за електрична енергија на социјално загрозените семејства, проектот „Ранче за секое прваче” со кој се обезбедија чанта, тетратки и училишен прибор за сите првоодделенци, субвенциите за печки на пелети.

Заеднички потоа се проговори за плановите за преземање на дополнителни мерки за економски немоќните семејства, а дел од сопствениците на компаниите дадоа свои предлози и идеи околу можностите за дополнителна соработка со цел што побрзо и полесно да се надмине тешкиот период. сст/дма/

Остани поврзан